1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ангела Меркел избрана за прва жена канцелар на Германија

„Со ‘да‘ гласаа 397 пратеници„ вака Претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт го прогласи резултатот од гласањето за идниот канцелар на Сојузна Република Германија.

Ангела Меркел, избрана за канцеларка на Германија

Ангела Меркел, избрана за канцеларка на Германија

„Со ‘не‘ гласаа 202 колешки и колеги„ – објави веднаш потоа Претседателот на Парламентот на што од пратеничките клупи на Новата Левица се огласи скромен аплауз. На тоа Ламерт со насмевка возврати: до сега гласањето беше тајно!

Фокусот на вниманието при денешното гласање беше токму насочен кон бројот на негативни гласови за Ангела Меркел, бидејќи од тоа може да се исчита стабилноста на идната владина коалиција. Според пребројувањата на експертите, вкупно 50 пратеници од редовите на владеачките партии во тајното гласање не го дале својот глас за Меркел.

Шефот на собраниската група на партиите на Унијата, Фолкер каудер изјави дека е многу задоволен од резултатот на гласањето, посочувајќи дека толкав број гласови до сега не добил уште ни еден германски канцелар. Шефот на собраниската група на коалицоиониот партнер, Социјалдемократската партија, Петер Штрук, оцени дека изборот не бил драматичен. Тој посочи дека меѓу оние кои не гласале за Меркел биле секако и пратеници од редовите на нејзините партии на Унијата, а не само пратеници на неговата СПД. Ова е добар почеток за големата коалиција, заклучи Штрук. Неговата реакција е одраз на стравувањата дека уште поголем број пратеници од СПД би можеле да се изјаснат против новата канцеларка и со тоа да го загрозат дури нејзиниот избор.

Шефот на Либералите, Гидо Вестервеле, кој се надеваше дека ќе влезе во коалиција со ЦДУ/ЦСУ, изјави дека ваквиот исход од гласањето е знак на нестабилност на новата влада. „Зданието на новата влада е покршливо од она што се сметаше„ – порача шефот на Либералите, кои претставуваат најголема опозициона партија во новиот состав нас Парламентот.

Прв кој и‘ честиташе на новата канцеларка беше досегашниот шеф на владата Герхард Шредер. По изборот Ангела Меркел ќе ја добие канцеларската повелба од Претседателот на државата Хорст Келер во неговото седиште во дворецот „Белви„. Потоа попладне во 14 часот таа се враќа во Бундестагот, каде и официјално ќе положи заклетва за извршување на должноста шеф на германската влада. Тогаш седницата на Парламентот повторно ќе биде прекината за новата канцеларка да замине кај Претседателот на државата уште еднаш, овој пат со министрите од владата, за и тие да добијат повелби. А на крајот и тие ќе положат заклетви пред пратениците. За вечерта е свикана и првата седница на кабинетот под ракодовство на Ангела Меркел.

На големиот ден Ангела Меркел не покажуваше голема возбуда.

Во пленарната сала на Бундестагот се појави во црно сако со пантолони и со нова огрлица, што веднаш го прикажаа и камерите на сите присутни ТВ станици. Меркел за изборот за канцеларка ја одбра бојата на нејзината партија, црната, за разлика од денот пред тоа, кога на седницата на коалициониот партнер, Социјалдемократската партија, се појави во црвено, што е пак боја на социјалдемократите. Меркел очигледно ја сфати големата игра во која се впуштила и ја напушти првобитната скромност.

Интересно е уште што Партијата на Зелените, која по предвремените избори мораше да замине на опозиционите клупи во Парламентот, денеска во повеќе дневни весници објави платен оглас на кој може да се види новата канцеларка со текст: „Ви благодарам Зелени!„ А под тоа Зелените наводно одговараат „Со задоволство, госпоѓо Меркел. Без нашата 25-годишна интензивна заложба за жените ден денес ќе беше незамисливо една жена да стане канцелар!„ Ете, опозиционите Зелени се обидуваат да остварат некаква добивка во очите на избирачите, нагласувајќи ги сопствените заслуги за либерализирањето на германското општество и напредокот на полето на еднаквоста на половите.