1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ангела Меркел во Ерусалим: „Работите се во движење“

Германскиот канцелар денеска е во Израел: Меркел на лице-место дејствува за заживување на блискоисточниот мировен процес

Почесна докторска титула за Меркел во Ерусалим

Почесна докторска титула за Меркел во Ерусалим

На Блискиот исток повторно има шанса за мир. Новата надеж германскиот канцелар Ангела Меркел ја гледа пред се’ во засилениот ангажман на умерените арапски држави. Арапската лига на самитот во Ријад му ја повтори понудата на Израел: признавање во замена за негово повлекување од териториите што ги освои во војната од 1967-ма година и прифаќање на враќањето на палестинските бегалци.

Ангела Меркел денеска, во говорот при доделувањето титула почесен доктор на на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, апелира на Израел да ја искористи шансата за пробив во блискоисточниот мировен процес. Таа им даде подршка на заклучоците од Ријад. Првенствени задачи, според неа, се долгорочно да се постигне решение со две држави – палестинска држава способна да опстане би била придонес и за безбедноста на Израел. „Патот секако е многу долг, но и еден жилав чекор сепак е чекор“, рече Меркел. „Самиот преговарачки процес мора да биде спроведен меѓу Израел и палестинските автомномни подрачја. Ние можеме да помогнеме. Притоа, се разбира, сакаме да ги поддржиме силите кои според наше мислење ги исполнуваат условите неопходни за воопшто да се придвижи мировниот процес, а тоа се критериумите на Блискоисточниот квартет“.

Ангела Меркел, која денеска го посети и споменикот на холокаустот Јад вашем, уште синоќа имала средба со израелскиот премиер Ехуд Олмерт, а за денеска е предвидена уште една. Изутрината германскиот канцелар разговараше и со израелскиот министер за надворешни работи Ципи Ливни.

Од новата палестинска влада на национално единство, пак, и пред се’ од Хамас Меркел побара „знак на сериозна волја“. Владата мора да ги исполни критериумите поставени од Блискоисточниот квартет, кои – покрај признавањето на израелската држава – предвидуваат и откажување од насилство и признавање на досега постигнатите спогодби. Ангела Меркел смета дека со решение на израелско-палестинскиот конфликт можеби ќе можат да бидат совладани и другите конфликти во регионот.

До вечер таа треба да се состане со претседателот на Палестинците Махмуд Абас.