1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ангажиран демократ со чувство на одговорност и малку ароганција

Од 1974 до 1982 година Хелмут Шмит како канцелар заземаше една од најважните политички функции во Германија. Tој денеска (23.12.2008) го слави 90-тиот роденден.

default

Хелмут Шмит

„Оваа владина коалиција се потпира на континуитетот на социјалнолибералната политика“, изјави Хелмут Шмит на 17 март 1974 година. Тој беше на врвот на својата политичка кариера, штотуку избран за петти германски сојузен канцелар, на местото на Вили Брант. Брант поднесе оставка поради аферата со откривањето на источногерманскиот шпион Гинтер Гијом, кој беше на висока позиција во неговиот кабинет.

Хелмут Шмит е роден на 23 декември 1918 година во Хамбург. По матурата, во 1937 година тој заминал во работна служба на Рајхот, а потоа во војска. Подоцна, на Источниот фронт, како што самиот изјави, ја доживеал најголемата гадотија на војната, која никогаш не ја заборавил. По војната, тој се ангажира во Хамбуршката социјалдемократска партија - станува сенатор за внатрешни работи на Хамбург. Кога на градот и на неговите граѓани, во февруари 1962 година, им се закануваат поплави, тој без да се колеба, енергично се вклучува во решавање на проблемите. Тоа го прави познат и надвор од границите на Хамбург.

Човек кој знае како да ги реши проблемите

Хелмут Шмит се здоби со глас на човек кој знае да ги решава проблемите, кој не се држи слепо до пропишаните правила на управата.

Vertrauensfrage Helmut Schmidt

Шмит во времето кога беше канцелар

Во големата коалиција под раководството на канцеларот Курт Георг Кисингер, оваа доблест малку подоцна добро му дојде како на шеф на пратеничката група на Социјалдемократската партија. Заедно со Рајнер Барцел, негов колега од пратеничката група на партиите на Унијата, тој речиси без проблеми го организираше политичкото функционирање на големата коалиција.

Наредниот скок во кариерата Шмит го направи во 1969 година. Во првата социјалнолиберална коалиција тој стана министер за одбрана. По новите избори, во 1972 година го презеде Министерството за финансии. Овие искуства му обезбедија услови подоцна да стане сојузен канцелар и со тоа да ја преземе најважната политичка функција во Германија.

Канцелар во време на рецесија и терор

Неговиот мандат меѓу 1974 и 1982 година носи печат на првата светска рецесија, нафтената криза и растечката невработеност во Германија. На економските проблеми Шмит реагираше со конјунктурни програми. Тој ја иницираше идејата за светски економски самит, значи средба на шефовите на државите на најважните економски нации. На негова иницијатива, такви самити се одржуваат редовно од 1975 година.

Меѓутоа, Шмит мораше да се справува и со предизвици од сосема друг вид. Зашто, теророт на левоориентираната Фракција на Црвената армија засилено и‘ се закануваше на државата. Шмит реагираше енергично за да ги спречи убиствата од страна на терористите.

Deutschland China Wirtschaftsgipfel in Hamburg Frank-Walter Steinmeier und Helmut Schmidt

Актуелниот шеф на германската дипломатија Штајнмаер во разговар со Шмит

Истовремено, кај него можеше да се препознае и емоционалната страна. Кога т.н. „Германска есен“ во 1977 година доживеа кулминација, киднапиран беше претседателот на работодавачите, Ханс Мартин Шлајер. Христијанско-демократската унија од Шмит бараше во борбата против тероризмот да стави надвор од сила одредени демократски правила. Реакцијата покажува ангажиран демократ, кој предупредува дека не смее да се повтори страшниот пример на националсоцијализмот: „Ставени сме на испит - поради безбедноста да ја загрозиме слободата. Се спротивставуваме на бранот нетолеранција што некои сакаат да го рашират во земјата...“

Поради ваквиот став државата плаќа висока цена, зашто не може да го спаси животот на Ханс Мартин Шлајер.

Промената на власта е дел од демократијата

На почетокот на осумдесеттите години се покажа дека Шмит ја нема зад себе СПД во дебатата околу двојниот заклучок на НАТО, кој доведе до стационирање ракети во Западна Германија. Дојде до затегнатост во коалицијата на социјалдемократите и либералите и Хелмут Шмит се одлучи за нови избори. Но, на изборите победија партиите на Унијата, кои стапија во коалиција со ФДП. „Промената на власта е дел од веродостојноста на демократијата. Затоа, не се жалам ако социјалнолибералната коалиција мора да ја предаде одговорноста. Меѓутоа, она на што се жалам е недостигот на веродостојност на оваа промена и на ваквиот начин на промена на власта“, изјави Шмит по изборите.

Хелмут Шмит се повлекува, но останува присутен во германската јавност. Денес е издавач на реномираниот неделник „Ди Цајт“ и се‘ уште е ценет коментатор на политичките случувања.

Аудио и видео прилози на оваа тема