1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Амнести ја критикува дволичноста на светските сили

Пет постојани членки на Советот за безбедност на ОН истовремено се и најголеми извознички на оружје. Дали од тие земји може да се очекува да се ангажираат за мирот во светот? Од Амнести интернешнл се сомневаат во тоа.

„Протест“ е збор кој спонтано паѓа на ум кога некој ќе се присети на 2011. година, вели Волфганг Гренц, генерален секретар на германскиот огранок на Амнести.

„Луѓето во сите делови на светот излегоа на улиците и бараа праведна распределба на изворите, демократија и почитување на човековите права“.

Сепак, демократските успеси во Тунис, Либија и Египет не продолжија. Гренц вели дека земји како Кина реагирале со репресија.

Во годишниот извештај на Амнести објавен денеска, е наведено дека Европа и САД вербално ги поддржале демократските движења, но не сакаа да се откажат од „посебните односи“ со репресивните режими кои во стратешки важниот регион со големи резерви на нафта и гас, ветуваат стабилност.

Волфганг Гренц конкретно укажува на Бахреин.

„САД таму имаат геостратешки и воени интереси. Таму беше дозволено Саудиска Арабија да го задуши протестот. Демократските движења само делумно беа поддржани. Во останатите држави се молчеше или угнетувачите дури беа и поддржувани со испораки на оружје“.

Германија ја вооружува Саудиска Арабија

Меѓу лиферантите беше и Германија. Во летото 2011. германскиот Совет за безбедност со тајно гласање одобри извоз на повеќе од 200 најмодерни борбени тенкови „Леопард“ за Саудиска Арабија. Одлуката наиде на жестоки критики од опозицијата и црквата во Германија.

Германија, според извештајот на Амнести, е на седмо место во светот според извозот на оружје, веднаш пред Кина.

„Најголемите профитери од светскиот бизнис со оружје се земјите кои имаат постојано место во Советот за безбедност на ОН“, вели Гренц. Најголеми извозници на конвенционално оружје се САД и Русија, а зад нив се Франција, Велика Британија и Кина. Оттука е и јасно зошто Русија не гласаше за поостри санкции против Сирија во Советот за безбедност, вели Гренц.

„Да се каже дека Советот за безбедност на ОН е гарант за човековите права, е премногу позитивно. Но јас не би ги осудувал. Многу е тешко да се балансираат сите тие различни политички интереси“.

Во Њујорк во јули годинава се одржува конференција на ОН на која треба да се изработи и усвои договор за трговијата со оружје. Со договорот, прекуграничната трговија со конвенционално оружје, од пиштоли до борбени авиони, треба да биде регулирана со меѓународни стандарди.