1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Амнести со критики за човековите права во светот

Организацијата за човекови права, Амнести интернешнл, го претстави годишниот извештај за состојбата на човековите права во светот. 60 години по донесувањето на Повелбата за човекови права, билансот е поразителен.

default

Ирене Кан, генерален секретар на Амнести Интернешнл

Кина, но и САД и ЕУ се критикувани јасно во годишниот извештај на Амнести Интернешнл. Кина, досега не ги одржа ветувањата за подобрување на состојбата со човековите права во олимписката година, нагласи генералниот секретар на Амнести, Ирене Кан во Лондон: „Кина даде ветување дека кога ќе се одржуваат олимписките игри ќе спроведе определени промени во делот на човековите права. Ние си посакуваме Кина и да ги одржи овие ветувања. Има извесен напредок во односот кон смртната казна, но има многу работи кои не се направени. Во предвечерјето на Олимписките игри доживуваме дури и зголемување на повредите на човековите права. Има временска рамка за подобрување на билансот и по игрите. Светот гледа во насока на Кина и дали таа како глобална сила во подем ќе се обврзе на почитување на човековите права како што тоа го прават другите.“

Според проценките на Амнести, во Кина минатата година се изречени 1 860 смртни казни, а реализирани се најмалку 470, можеби и многу повеќе. Освен тоа, Пекинг ги држи во затвор политичките затвореници со години без притоа да има судски процес, и натаму практикува цензура на печатот и наголемо врши надзор и набљудување на интернет.

ЕУ ја „сокри главата во песок“

Генералниот секретар на Амнести, како разочарување во делот на човековите права ја оцени и ЕУ: „ЕУ тврди дека е заедница на вредности која се базира врз човекови права, демократија и слобода. И, сепак, ја стави главата во песок кога стануваше збор за транспорт и тајни сослушувања на осомничени за тероризам. Цела низа европски влади зад кулисите соработуваше со американската тајна служба, ЦИА и не презеде ништо за да ги разјасни и да ги спречи во иднина ваквите случаи.“

Logo Amnesty International

Лого на Амнести Интернешнл

Ова обвинување е упатено и на сметка на германската влада. Според Ирене Кан, нејзина главна надеж во наредните месеци е доаѓањето на власт на нови шефови на држави и влади, пред се‘ во Русија и САД.

САД да станат повторно предводник

Сите тројца претседателски кандидати во САД - Меккејн, Клинтон и Обама се обврзаа на затворање на затворот на Гвантанамо: „Новиот претседател на САД, се надевам, ќе го затвори Гвантанамо, ќе се откаже од измачување и секаков друг вид злоупотреба и САД ќе станат повторно предводник во борбата за човекови права. На светот му се потребни САД кои се обврзани на почитување на човековите права и САД кои за тоа се борат.“

Во борбата против тероризмот западните држави не смеат да се откажат од сопствените принципи, предупреди шефот на Амнести, која е прва жена и прва муслиманка од Азија која е на оваа функција. Во многу земји се зголемува дискриминацијата на цели групи граѓани. 60 години по донесувањето на Повелбата за човекови права, токму западните држави имаат одговорност за сторат повеќе за нивно почитување.