1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Амнести“ ги критикува Обама и Иранците

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести Интернешенл“ во Берлин и во Лондон го претстави извештајот за 2010 година. Во него се констатираат злоупотреби и кршење на човековите права во најмалку 111 држави.

default

Долг пат до човековите права во бројни земји

„Годината почна со сензација, кога во март 2009 беше издаден налог за апсење на суданскиот претседател Омар ал-Башир. Тоа е прв пат во историјата актуелен претседател на некоја држава да биде повикан на одговорност од меѓународна институција поради тешко кршење на човековите права“, појасни генералната секретарка на „Амнести интернешенл“ во Германија, Моника Лике.

Таа многу позитивно го оцени фактот што Меѓународниот кривичен суд, основан во 2002 година, за првпат издаде налог за апсење на актуелен претседател на една држава. Во меѓувреме, статутот на Кривичниот суд го ратификуваа 111 држави и на тој начин се обврзаа да се борат против најтешките кршења на човековите права. На списокот, меѓутоа, недостасуваат уште неколку важни држави, како што се САД, Кина, Русија, Индонезија и Турција.

Amnesty International Jahresreport 2010 Dossierbild 3

Моника Лике

Наспроти тоа, работата на Меѓународниот кривичен суд испраќа јасна порака во целиот свет дека оние кои се осмелуваат да ги кршат основните права на човекот нема да останат неказнети - дури и ако се на многу високи функции. Во меѓувреме, во судот има подигнати пет обвинителни акти, а издадени се и налози за апсење на уште осум други лица.

Повеќе „грешници“ на списокот

Моника Лике ја критикуваше состојбата во Израел, Палестина, Шри Ланка и Демократската Република Конго. Состојбата во Русија, меѓутоа, е посебно загрижувачка: „Оној кој во Москва или во северниот Кавказ се ангажира за заштита на човековите права, тој се изложува на голема опасност да биде убиен“, нагласи Моника Лике на денешната прес-конференција во Берлин.

Таа не ја поштеди од критика ни новата администрација на Барак Обама. Најважен елемент, притоа, е фактот што озлогласениот затвор во Гвантанамо се’ уште не е затворен, како што вети Обама по изборот за американски претседател:

Cuba Guantanamo

Останува темната дамка за човекови права во САД, затворот Гвантанамо

„Околу 50 затвореници, кои се’ уште се таму, треба да останат и понатаму без судски процес, само веќе не во Гвантанамо, туку во градот Томсон, во сојузната држава Илиноис. Тоа значи само промена на адресата за овие лица - и ништо повеќе“, оцени Моника Лике, особено критикувајќи го фактот што никој од администрацијата на Џорџ Буш не бил изведен пред суд за сите измачувања на затворениците во Гвантанамо.

Особено голема грижа за „Амнести интернешенл“ е состојбата во Иран, каде 2009 беше навистина црна година: „Особено по претседателските избори на 12 јуни имаше големи и систематски кршења на човековите права во Иран. На моменти имаше и по 5.000 демонстранти во затворите, а таму се се’ уште околу 300 политички противници на претседателот Ахмадинеџад - без судски процес и под притисок од разни видови на измачување.“

Proteste im Iran

Во јуни 2009 гореа улиците на Техеран: протести во иранскиот главен град против изборниот резултат

Во монтираните судски процеси осудени се преку 80 лица, од кои најмалку 16 на смрт.

Подобрување во Германија

Во Германија, Моника Лике гледа одредени подобрувања на состојбата: „Децата на родители, кои овде живеат без легални документи, смеат конечно да одат на училиште без страв дека утредента нивното семејство ќе биде протерано.“

Сепак, разочарува фактот што германските политичари и понатаму дозволуваат да се протеруваат лица во земји каде е раширено измачувањето, потпирајќи се притоа на празни дипломатски ветувања.

Автор: Сабине Рипергер/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска