1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Амнести ги критикува американските напади со беспилотни летала

Организацијата за човекови права Амнести Интернешнл ги обвинува САД дека со нападите со беспилотни летала во Пакистан постојано го кршат меѓународното право.

Дел од нападите дури можат да се оквалификуваат како воени злосторства, тврди Амнести Интернешнл (АИ). Во извештајот на организацијата, објавен во Берлин, се формулирани тешки обвинувања на сметка на САД. „Со програмата за беспилотни летала, која се држи во тајност, САД си даваат лиценца за убивање и се игнорираат сосема стандардите во сферата на човековите права и меѓународното право“, изјави Верена Херпе од германската секција на Амнести Интернешнл.

За својот извештај организацијата направила проценка на 45 американски напади со беспилотни летала, во периодот од јануари 2012 до август 2013 година во Северен Вазиристан. Регинот на пакистанско-авганистанската граница важи за засолниште на екстремисти на Ал Каеда и на талибански борци. Борците за човекови права од американската влада бараат истрага за случаите на кои се однесуваат обвинувањата и изведување на одговорните пред лицето на правдата. За тоа треба да се заложи и германската влада, бара Амнести Интернешнл, додавајќи дека владата во Берлин на американските власти им давала податоци како броеви од мобилни телефони на подоцнежни жртви на нападите со беспилотни летала.