1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Америка тагува по жртвите од 11 септември

Со минута молчење на централната комеморативна свеченост во Њујорк САД денеска им оддаваат почит на жртвите на терористичките напади од 11 септември. Атентатите до темел го потресоа светот и означија почеток на нова ера.

default

Во САД денеска (11.09) се одржуваат комеморации на сите три места каде паднаа авионите киднапирани од атентаторите на Ал Каеда, во кои загинаа преку 3.000 луѓе. Американскиот претседател Барак Обама ќе присуствува на сите три манифестации, како на „Граунд зиро“ во Њујорк, така и пред зданието на Пентагон во Вашингтон и во малото место Шенксвил во Пенсилванија, каде патниците го соборија авионот кој најверојатно требаше да се урне врз Капитол во Вашингтон.

Централната свеченост ја отворија звуците на оркестарот шкотски гајди. Кусо потоа (во 14:46 часот по средноевропско време) говорот на градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, беше прекинат за со една минута да им се оддаде почит на жртвите. Тоа е времето кога пред точно 10 години удри првиот киднапиран авион во една од кулите на Светскиот трговски центар. Во тие мигови во Њујорк се слушаше само жуборењето на водата од новиот споменик на местото каде порано се издигаа кулите близначки.

Мала капела за сеќавање

Во Шенксвил, пак, вчера беше свечено отворен меморијалот за 40-те жртви на уривањето на патничкиот авион на авио-компанијата „Јунајтид ерлајнс“. На комеморативната свеченост присуствуваа поранешните претседатели на

9/11 Gedenken Ground Zero Bush Obama

Џорџ Буш (л.) и Барак Обама (д.)

државата Џорџ Буш и Бил Клинтон, како и актуелниот потпретседател Џо Бајден. Во говорот Буш им оддаде голема почит на посадата на авионот и патниците, кои храбро ги спречија терористите да го насочат авионот кон Капитол, при што и самите станаа жртви на уривањето. „Тоа беше едно од најхрабрите дела во американската историја“, порача Буш и додаде дека тоа бил истовремено и „првиот чин на контра-офанзивата во војната против тероризмот“.

Обраќајќи им се на најблиските на загинатите, Буш порача: „Америка сочувствува со вашата тага и болка“.

Џорџ Буш го посети и местото каде се урна авионот врз зданието на Пентагон и положи венец за жртвите. На оваа комеморативна свеченост присуствуваа и тогашниот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд, како и сегашниот шеф на Пентагон, Леон Панета.

Зголемена внимателност

9/11 Gedenken Ground Zero

Со оглед на најновите закани од терористички напади, претседателот Барак Обама имал средба со членовите на Националниот совет за безбедност, соопшти Белата куќа. По средбата, на која учествуваа и министерот за правда Ерик Холдер и министерката за заштита на татковината Џенет Наполитано, Обама побара не само тајните служби, туку и граѓаните двојно да ја зголемат будноста на овој ден.

Според разузнавачките информации, станува збор за тројца можни атентатори, кои тргнале од Авганистан. Тие веројатно ќе се обидат да активираат автомобилски бомби. Нив, според медиумски информации, ги пратил лидерот на Ал Каеда Ајман ел Завахири, со намера да се одмазди за убиството на Осама бин Ладен во мај годинава.

Автор: ГЧ/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM