1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Америка е потресена: масакр на еден универзитет

Најмалку 33 жртви, вклучително напаѓачот, тоа е билансот на настаните на Техничкиот Универзитет на Вирџинија во Блексбург. Претседателот Буш опстојува врз правото на секој Американец да носи оружје

Полицијата ги изнесува жртвите

Полицијата ги изнесува жртвите

Во Блексбург се случи најтешката трагедија од таканаречените амок-напади на споулавени поединци-сторители. Уште во 7 часот и 15 минути изутрината по локално време на полицијата и’ било јавено за истрели во студентскиот дом. Таа ја блокирала зградата, но сметала дека сторителот побегнал. Во тој момент веќе имало две жртви.

Два часа подоцна во друга зграда со предавални на Техничкиот Универзитет, дојде до нови истрели. Полицијата смета дека е во прашање еден ист сторител. Според описи на четворица студенти, единствените кои неповредени успеале да избегаат од предавалната во која се одигра главниот масакр, станува збор за млад човек на 20 до 30 годишна возраст со азијатски изглед, кој за цело време оставал многу смирен впечаток. Прво го ликвидирал професорот, потоа студентите.

Првите снимки на избезумени и преплашени студенти и тешко вооружени полицајци, направени со камери на мобилни телефони, брзо стигнаа во јавноста. Еден студент снимил и дел од самото пукање. Сведоци зборуваа за хаотична состојба на теренот на унивезрзитетскиот комплекс. Како што раскажа студентката Лора Спејвента, студентите по мејл биле известени дека се случува амок-напад и повикани да не ги напуштаат своите простории и да останат подалеку од прозорците, што не ги смирило оти претходната недела имало две закани дека ќе биде подметната бомба.

Не е утврдено дали има директна врска на тие закани со сегашниот напад. На полицијата и’ се префрлува за тешки пропусти, посебно што дозволила по првиот, да дојде и до втор напад. Засега се’ уште не е докрај сигурно дали немало и втор напаѓач.

Чарлс Стегер, претседател на Универзитетот основан во 1872-ра година, меѓу водечките 20 во САД од областа на техничките науки, на кој сега студираат 26 илјади студенти, зборуваше за “трагедија од монументални размери”.

Сенатот и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со минута молчење им оддадоа почит на жртвите на масакрот. Претседателот Џорџ Буш искажа потресеност и вчудовиденост: “Нашата нација е шокирана и тажна поради вестите за денешните настани на Универзитетот на Вирџинија”. Тој и сопругата, како и многумина Американци, се молеле за жртвите и за нивните роднини. “Училиштата треба да бидат места на сигурност, прибежиште и места за учење” – нагласи Буш.

Германскиот канцелар Ангела Меркел по телефон му искажа сочувство на американскиот претседател.

Масакрот од Блексбург веднаш ги обнови сеќавањата на настаните во Коломбајн, во американската сојузна држава Колорадо, пред 8 години, кога двајца младинци убија 12 студенти а потоа и самите себе си. Па сепак, претседателот Буш, преку портпаролот Дена Перино, и во ваква пригода нагласи дека “смета оти луѓето имаат право да носат оружје, но мора да се придржуваат кон законите”.

Во САД во приватен посед се наоѓаат околу 200 милиони парчиња огнено оружје. Силното лоби на индустријата за оружје досега успеваше да спречи било какво заострување на очигледно лабавите закони.