1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американците направија добар избор

Со повторниот избор на Барак Обама Американците донесоа вистинска одлука. Тој не е совршен претседател, но е подобра алтернатива од Мит Ромни, смета во коментарот Кристина Бергман.

default

Кристина Бергман

Од аспект на финансиската политика, претседателот на САД Барак Обама, успеа да ја извлече земјата од една рецесија и да избегне друга. Само еден месец по стапувањето на должност, потпиша пакет мерки за економско опоравување од преку 787 милијарди долари. Со тоа Обама ја продолжи политиката започната од неговиот претходник, Џорџ Буш, меѓу другото и во однос на спасувањето на банките. Економската состојба во САД не е розова, стапката на невработеност и натаму е релативно висока, но стручњаците се согласни во оценката - ситуацијата ќе беше уште полоша без соодветните преземени мерки.

Еден од најголемите предизвици со кои американскиот претседател ќе се соочи во наредниот период е огромниот долг од 16 илјади милијарди долари. Обама се залага за комбинација од зголемување на данокот и намалување на давачките, што математички е единствен излез од должничката криза. републиканците, напротив, а тоа го потпиша и Мит Ромни, во никој случај не би се согласиле на зголемување на даноците. Тоа е политички неодговорно и математички нереално. Оној кој уште од почеток исклучува можен компромис, преговара премногу детски. Во социјалната политика сега е можно посегнување по законската иницијатива која Обама успеа да ја оствари со многу мака: здравствената реформа. Втор претседателски мандат за Обама за милиони Американци значи добивање здравствено осигурување, во спротивност болеста значи вовед во финансиска пропаст. Мит Ромни се закани дека во случај на победа, веднаш ќе ја укине здравствената реформа.

Обама може сега да спроведе и други законски иницијативи, на пример гарантирање иста плата за иста работа за жените и за мажите, како и права за хомосексуалците во армијата јавно да ја изјаснат својата сексуална определба. Во поглед на имиграционата реформа, се очекува Обама да ја следи својата хумана политика, за разлика од републиканците, кои бараат исклучување на група луѓе кои продонесуваат за економскиот просперитет на САД.

На надворешно-политички план претседателот не влечеше секогаш правилни потези. Неговото двоумење во поглед на демонстрациите во Иран и крвопролевањето во Сирија е тешко разбирливо, но оние кои му префрлуваат дека дејствува премногу од заднина, треба да бидат потсетени - граѓаните на САД го избраа во 2008. година токму затоа што вети дека од Америка-омразен осаменик, ќе направи баран коалиционен партнер. Меѓународната воена акција во Либија е најдобар пример за фактот дека во тоа и успеа.

И последниот аргумент сигурно не е неважен: повеќе или помалку е познато како ќе изгледа американската политика со Барак Обама на чело со САД. Тој во изминатите четири години владееше со цврста рака и трезвено. Како би изгледало ако победеше Мит Ромни, тешко е да се претпостави, со оглед на честите промени на мислењето на републиканецот во речиси сите области. На САД и‘ е потребна предвидлива величина на врвот на државата. Со Барак Обама, Американците избраа токму таков кандидат.