1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Американците и нивното оружје

Љубителите на оружјето и трговците со оружје во САД секоја недела се собираат на т.н. „ганшоус“. Тоа се пазари од посебен вид. Таму може да се купат пиштоли, ловечки пушки, па дури и пригушувачи.

default

Во Хилсбороу, во Тексас, мало гратче на сто километри јужно од Далас, во општинскиот центар се одржува „ганшоу“ - мешавина од саем за оружје и пазар за стари работи. Џим Деј, од Здружението за оружје на американската сојузна држава Тексас, вели: „Тука луѓето купуваат, продаваат или разменуваат оружје. Тоа е едноставно дел од нашата слобода. На луѓето тоа им се допаѓа.“

Деј на влезот направил штанд и врбува членови за неговото здружение, кое е гранка на американскиот сојуз на сопственици на оружје „Нешнл Рифл Асосиејшн“ (НРА). Ова моќно лоби за оружје има големо влијание врз политиката - без НРА во Америка не оди ништо. Луѓе со пушки и пиштоли минуваат покрај Џим Деј и одат кај Лери Армстронг, заменик-шериф, кој ги контролира посетителите на влезот. „Го проверувам оружјето што го внесуваат“, вели Армстронг.

Оние кои носат оружје за продажба или размена, мораат претходно да го испразнат. За поголема безбедност, Армстронг потоа го витка чкрапецот и кундакот на оружјето со пластична бандерола, за и навистина да не може да се случи ништо.

Заштита на приватноста

IWA 2009 Nürnberg

Анонимноста е на цена кај љубителите на оружје

Еден од посетителите е Џо, кој носи пушка преку рамо и е шкрт на зборови: „Само разменувам оружје, разгледувам, не барам ништо специјално.“

Џо не сака да го каже полното име и презиме. Вели - името е доволно. Голем број од посетителите и дел од трговците кои излагаат оружје, се полни со недоверба. Тие не сакаат да бидат идентификувани. Таков е и Ерик: „Не ви го кажувам името, не знам кој би можел да го слушне.“ Друг, здогледувајќи микрофон, почнува веднаш да вреска: „Заминувај, бегај, бегај, не, бегај!“

Ерик објаснува дека тој и другите учесници на ганшоуто немаат што да кријат, но се работи за заштита на приватноста. Едноставно, бараат анонимност. Ерик сака на ганшоуто да продаде дел од неговата збирка на оружје: „Имам неколку вредни ловечки пушки - дел за лов во Африка, а други за лов на дивеч.“

Дозвола за купување оружје дава ФБИ

Најевтиното парче оружје во неговиот асортиман чини 450 долари. Нема многу заинтересирани купувачи. Неколку метри подолу стои Џон Ридлхубер. На неговиот штанд - турканица љубопитници. Ридлхубер, поранешно воено лице и пензиониран полицаец, има продавница за оружје и патува од едно ганшоу на друго. Вели дека дури има и дозвола за продажба на автоматско оружје. Најубаво

Symbolbild Obama und die Waffenlobby

Откако Обама дојде на власт, оружје се купува повеќе

парче во неговата понуда е цивилната верзија на автоматската пушка М16, што ја користат американските воени сили. Заедно со ласерскиот нишан и другата дополнителна опрема, пушката чини десет илјади долари.

Ридлхубер разговара со Том Балантајн, кој сака да купи пригушувач за своето оружје: „Мора да одиш кај шерифот. Тој мора да даде дозвола за купување.“

Балантајн е фармер, зошто му е потребен пригушувач? „За да ловам дивеч, диви свињи“, одговара тој.

Пукањето со пригушувач е потивко и покомотно, смета трговецот Ридлхубер. Додека во Тексас за купување пригушувачи е потребна само согласност на шерифот, кој потврдува дека лицето е во ред, за купување пиштоли или пушки е потребна дозвола од сојузната полиција - ФБИ. Дозвола од ФБИ на саемот на оружје може да се побара преку интернет. Трговецот Ридлхубер пополнува

Federal Bureau of Investigation Logo

На едно „ганшоу“ дозвола од ФБИ за оружје може да се добие за 15 минути

формулар со податоци на купувачот и го праќа до сојузната полиција. Доколку купувачот добие „бел елек“, значи дека не е осудуван и слично, тогаш дозволата стигнува најдоцна за 15 минути. Купувачот плаќа и може веднаш да си го земе оружјето.

Ридлхубер и другите трговци со оружје, по победата на Барак Обама во ноември, продаваат значително повеќе оружје. Голем број купувачи стравуваат дека новиот претседател и покрај сите тврдења околу правото на поседување оружје, ќе ги заостри законите за негово поседување. На такво мислење е и Ридлхубер: „Има луѓе кои се на власт и кои, доколку можат, би ги заостриле законите. Но, се плашам дека доколку тоа се случи луѓето ќе се побунат. Ако им го одземат оружјето, тогаш тие веќе нема да бидат слободни.“


Автор: Албрехт Циглер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска