1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американците доцна се сетија на Јемен

Проблемот во Јемен не е воопшто нов, туку долги години оваа земја која има бројни внатрешни проблеми беше запоставувана од западните сојузници. Во меѓувреме Ал Каеда изгради силна мрежа во земјата.

default

Јемен се граничи со Саудиска Арабија и Оман

Американските безбедносни експерти одамна се активни во Јемен, кој стана скривалиште за припадниците и симпатизерите на Ал Каеда. Јемен нема силна централна власт и му се заканува распад - не толку поради локалните племиња кои сакаат да бидат независни од Сана, колку поради сепаратистичките тенденции на југот на земјата и се` пожестоките судири со шиитските кланови на северот. До обединувањето на Јемен во 1990 година, на југот постоеше Демократска народна република, како независна држава.

Тие внатрешни проблеми, поврзани со големата сиромаштија и ниското ниво на образование, заостанатоста и закоравените верски традиции, се закануваат да го претворат Јемен во таканаречена пропадната држава, каква што некогаш беше Авганистан.

Поволно тло за терористите

Токму таквата состојба им оди од рака на терористичките групи, кои настојуваат да избегнат било каква државна контрола. Поранешната американска амбасадорка во Јемен, Барбара Бодајн вели:

„Работата е во тоа Јемен да не се отпише како пропадната држава или држава на патот кон распадот. Мораме да најдеме начин да ја спречиме можноста Јемен да отиде на погрешната страна“, вели поранешната амбасадорка во Сана.

Со години, Вашингтон и неговите сојузници правеа многу малку во тој правец, иако состојбата во Јемен беше позната уште пред 11 септември. На пример, при самоубиствениот напад врз американскиот воен брод „Коул“ во околните води во 2000 година, кога загинаа 17 морнари.

Имаше и други предупредувачки знаци, на пример, често беа киднапирани странци, за потоа да бидат ослободени откако властите ќе ги исполнеа бараните отстапки. Во последниот период зачестија убиствата на странците и таа тенденција расте паралелно со зајакнувањето на Ал Каеда во земјата.

Mideast_Yemen_Us_Embassy-Ko.jpg

Амбасадата на САД во главниот град Сана веќе беше цел на напад

САД-потесна соработка со јеменските власти

По најновиот обид за атентат во авионот над Детроит, американскиот претседател Барак Обама најави потесна соработка со јеменските власти:

„Како приоритет го најавив засилувањето на партнерството со јеменската влада, обучување и вооружување на јеменските сили за безбедност, размена на разузнавачки податоци и заеднички напади врз припадниците на Ал Каеда“, рече Обама.

Во Лондон, британскиот премиер Гордон Браун иницираше меѓународен состанок за ситуацијата во Јемен, кој на тој начин стана нов терен за борба против тероризмот. Откако борбата во Ирак, Авганистан и Пакистан донесе само ограничени успеси, доколку воопшто и ги имаше, тоа е развој на состојбата кој не охрабрува.

Автор: Петер Филип/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска