1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Американците го критикуваат германскиот извоз, Берлин контрира

Американското министерство за финансии ја обвини Германија дека остварува извозен успех на сметка на своите партнери во светот. Германската влада ја отфрли критиката како неоснована.

По иритациите околу шпионската афера на американската Национална агенција за безбедност, НСА, САД им зададоа уште еден удар на ионака затегнатите американско-германски односи. Во полугодишниот извештај пред Конгресот, американското министерство за финансии ја обвини Германија за намерно држење на приватната потрошувачка и инвестициите во земјата на ниско ниво, со што прави малку за глобалниот развој. Со „анемичниот внатрешен растеж и постојаниот нето извоз, најголемата европска економија и‘ наштетува на економската стабилност на Европа и на светот“. Во извештајот се наведува и дека тоа се случува во време кога евро-земјите се борат со масивни проблеми.

Американското министерство истакнува дека плусот во германскиот извоз во 2012. година достигнал толкави размери, што ја ставил во сенка и Кина со нејзината проблематична монетарна политика и обезвреднувањето на националната валута. Од германската надворешна трговска политика, според Министерството, произлегува дефлациона тенденција за еврозоната и за светот.

Германското министерство за економија реагираше веднаш: „Критиката е несфатлива“, истакнуваат од Берлин. Германскиот успешен извоз е резултат на силната конкурентност, а во меѓувреме и внатрешноекономските фактори се мотор на развојот. Тоа го потврдуваат и најновите податоци на истражувањето на пазарот, објавени денеска, според кои Германците остануваат во потрошувачко расположение, се вели од Берлин.

„Ние имаме силен извоз зашто сме добри“, изјави и претседателот на Сојузот за надворешна трговија, Антон Бернер. Тој во американската критика гледа само тактички маневар пред претстојните преговори за трансатлантскиот договор за слободна трговија.

Инаку, обично досега во извештајот на американското Министерство за финансии беше критикувана најмногу Кина поради нејзината монетарна политика.