1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американците гласаат

Денеска во САД се бира новиот Конгрес. Граѓаните треба да ги изберат 435 парламентарци за Претставничкиот дом и една третина сенатори. Сега во двата дома мнозинството е кај Републиканците на претседателот Буш. Но, анкетите покажуваат дека драстично опаѓа популарноста на претседателот поради катастрофалната состојба во Ирак, а расте поддршката за Демократите. Даниел Шешкевиц известува од Вашингтон.

Неизвесно е кој ќе го добие мнозинството во Конгресот

Неизвесно е кој ќе го добие мнозинството во Конгресот

Со мала пауза во 2001 и 2002 година Републиканците во Конгресот уште од 1994 година ги контролираат двата дома. Без разлика што истражувачите на јавното мислење велат дека на овие избори Демократската партија е во полет, нејзината предност во последните анкети е намалена за неколку проценти. Демократите треба да освојат шест места во Сенатот, за да добијат мнозинство. За повеќето набљудувачи тоа е можно, но и не мора да се случи. Во најмалку три од одлучувачките држави, Вирџинија, Мисури и Тенеси кандидатите до крај беа изедначени. За да освои мнозинство во Претставничкиот дом, Демократската партија треба да освои само 15 места. Сосема можен исход, мислат многумина, затоа што Демократите овие избори ги претставуваат како референдум за Буш и непопуларната војна во Ирак. Парламентарецот од Њујорк, Чарлс Рангел, претедател на кампањата на демократите за Конгресот вели:

“Ова е референдум за војната и за некомпетентноста на владата на Буш”.

Претседателот Буш, чија доверба му опадна на 35%, во крајната фаза од кампањата ги посети местатата во САД во кои неговата популарност е се уште висока. Во Пенсакола, во сојузната држава Флорида тој во понеделникот беше голем оптимист порачувајќи дека гласачите и овој пат треба да ги казнат лагите на истражувачите на јавното мислење.

“Има уште дваесет и четири часа до гласањето. Некои во Вашингтон мислат дека го знаат исходот. Така беше исто и за време изборите во 2004. Некои од луѓето во Белата куќа си ги имаа спакувано работите. Но, тогаш луѓето во Флорида и во останатиот дел од земјата го направија изборот така што камионите за преселба можеа да останат во гаража.”

И овојпат многу работи ќе зависат од тоа колку двете партии ќе успеат да ги мотивираат гласачите да излезат на гласање. Излезноста на делумните избори во САД е ретко над 40%. Причина за тоа се големите корупциски скандали во минатиот легислативен период поради што угледот на американските парламентарци кај народот опадна на историски ниско ниво.

Покрај војната во Ирак и политиката за доселување, и двете партии во изборната кампања се залагаа за различни теми. Додека опозицискиот демократи промовираа зголемување на најниската плата, подобри стандарди за животната средина и заштита на американските работни места, кај Републиканците главни теми во кампањата беа борбата против тероризмот, неприфаќање на хомосексуални бракови и економски раст преку намалување на даноци.

Ако дојде до промена на мнозинството во Конгресот, преостанатите две години од мандатот на претседателот Буш ќе му бидат навистина тешки. Меѓу другото Конгресот има право да го повика претседателот на испитување во одборите, па дури и да го обвини.