1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Американците ги обожуваат германските автомобили

Поради порастот на продажбата на германски автомобили во САД за 11 проценти, „Мерцедес“, „Ауди“, „БМВ“ и „Фолксваген“ со голем оптимизам настапија во Детроит, на најголемиот саем за автомобили во Северна Америка.

default

„Фолксваген“ настапи со премиера на модел на „пасат“ наменет за американскиот пазар

На саемот премиерно беше претставена „сребрената ракета“, со врати што се отвораат како крила - угоре, и со портокалова лента, во стилот на тркачките автомобили. Покрај мотор со 8 цилиндри, овој модел на „Порше“ има уште два електромотори и сите заедно имаат 767 кс. Матијас Милер, шеф на „Порше“, при претставувањето на моделот „918 РСР“ објаснува: „Со притискање на копче возачот може да ја активира акумулираната енергија и да ја искористи при забрзување или при претекнување“.

За „Порше“ 2010 беше успешна година во цел свет: 50 проценти повеќе нарачки, како и над 95.000 испорачани автомобили. Голем удел во успехот има Северна Америка, каде се продадени 25.000 автомобили од овој производител.

Повеќето луксузни автомобили се германски

Porsche 918 RSR Detroit Auto Show Flash-Galerie

„Порше 918 РСР“

Но, Северна Америка не претставува значаен пазар само за „Порше“. Германците севкупно сакаат да го повторат ланскиот успех и годинава продажбата повторно да порасне за 11 проценти. Клучен фактор за тоа е добриот имиџ. Матијас Висман, претседател на Здружението на автомобилската индустрија, укажува на фактот дека речиси секој втор автомобил од луксузната категорија е од германски производител: „Речиси секој Американец, заинтересиран за автомобили, посакува да има ’Порше‘, ’Ауди‘, ’БМВ‘ или ’Мерцедес‘. Толку висок углед на автомобилите нема ниедна друга земја - производител“.

Во набројувањето недостасува „Фолксваген“. Во 70-те и 80-те години тоа беше поинаку, и „Фолксваген“ сака да ги врати овие успешни времиња. За таа цел, на саемот на автомобили во Детроит настапи со премиера на модел на „пасат“, наменет специјално за американскиот пазар. Автомобилот од средна класа, што ќе се произведува во градот Чатануга, во сојузната држава Тенеси, ќе чини само 20.000 долари. Во фабриката ќе бидат отворени над 2.000 работни места, што кај Американците предизвикува задоволство.

Производството во САД го засилуваат и „БМВ“ и „Мерцедес“. Матијас Висман нагласува: „Нашите производители во САД имаат над 25.000 вработени“.

Фолксваген сака да го подобри имиџот

Martin Winterkorn Vorstandsvorsitzender VW Volkswagen

Шефот на „Фолксваген“ Мартин Винтеркорн

На ова се надоврзуваат уште 50.000 работни места кај германските лиферанти во Америка. „Фолксваген“ мора да го подобри својот имиџ во очите на Американците. Во концернот се оптимисти дека ќе успеат во тоа и планираат до 2018 година 800.000 Американци годишно да се определат за купување автомобил од „Фолксваген“. Во прилог многу им оди и моментално заслабнатата позиција на „Тојота“. Поради повикувањето на автомобили на вонреден сервис и технички проблеми, Јапонците се единствените кои бележат намалена продажба во САД во 2010 година. Шефот на „Фолксваген“ Мартин Винтеркорн не сака да се потпре врз проблемите на конкурентите, туку полага врз специфичниот однос на Американците кон автомобилите. „Американците, како што знаеме од анкетите, го сакаат германското инженерство, прецизност, добри возни перформанси, комфор, мала потрошувачка, и затоа сум уверен дека уште повеќе ќе купуваат ’Фолксваген‘.“

Американскиот пазар има специфични барања

Audi A6 Hybrid Detroit Auto Show

„Ауди“ на саемот во Детроит претстави и хибрид-верзија на новиот модел „А6“

„Мерцедес Бенц“ ни во минатото немаше проблеми со продажбата во САД. Лани таа порасна за 18 проценти, односно продадени се вкупно 225.000 автомобили. Но никој, па ни Дитер Цече, шеф на „Мерцедес“ не сака да прогнозира колку долго ќе трае тој бум и посебно не кога пазарот во Кина ќе го престигне американскиот: „Во моментов во САД продаваме повеќе возила од било кој друг пазар, вклучувајќи го и кинеско-азискиот, но помалку отколку во Германија. Тоа ќе се промени, оти сметаме дека кинескиот пазар ќе има побрз пораст од американскиот, но денес американскиот е втор по важност за нас“.

Тој пазар има многу специфични барања и, и покрај сета еколошка свест, хибридни и автомобили на електричен погон имаат само мал удел. Сепак „Ауди“ претстави и хибрид-верзија на новиот модел „А6“. Руперт Штадлер, шеф на „Ауди“, вели: „Американците и натаму сакаат големи автомобили, но големите автомобили исто така може да бидат економични, што го докажавме со моделот ’Q7‘. Во Европа во меѓувреме има ’Q7‘ со дизел-мотор со 6 цилинри, во малку послаба верзија, со потрошувачка од 7,2 литри. Тој дизел го нудиме и овде, во Америка, и се вгардува во над 30 проценти возила. Значи, дизелот добро е прифатен и во Америка“.

Автор: Кристина Бергман / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска