1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американско-руските односи во нова „студена“ фаза

Американскиот претседател Обама ги откажа договорените разговори со рускиот колега Владимир Путин. Набљудувачите предупредуваат од нова „Студена војна“ меѓу двете земји, стравувајќи од бројните нерешени спорови меѓу нив.

Во Белата куќа владее голема иритираност. Толку голема што претседателот Обама одлучи да ризикува целосна ескалација во односите и го откажа самитот кој требаше да се одржи на почетокот на септември во Москва.

Односите меѓу двете земји и онака беа затегнати. Но дали е ваквата одлука на Обама политички мудра? Или на виделина избиваат неговата лична фрустрација и подлегнувањето на домашниот притисок?

Објаснувањето за откажувањето на посетата на Обама содржи ретка искреност. Никој не може да негира дека во односите со Русија се забележува назадување во речиси сите сфери. Од разоружувањето па до економските и трговските односи, од прашањата за глобалната безбедност до човековите права.

Одлуката на руските власти да му дадат азил на Едвард Сноуден е спомената сосема на крајот. Веројатно тоа е само последната капка која ја прели чашата на меѓусебните недоразбирања.

„Не само што е грешка, туку е уште поголема грешка што откажувањето се случува пред т.н. два плус два средба на министрите за одбрана и надворешни работи од двете земји, закажана за в петок“, вели Метју Рохански од Вашингтонскиот Кенан Институт за ДВ.

Edward Snowden verlässt Flughafen Moskau

Случајот Сноуден ја „прели чашата“

Со други зборови, уште на самиот почеток се исклучува можноста за позитивен импулс. Единствената „добра“ вест е што Обама не го откажа и присуството на Самитот на Г20 земјите во Санкт Петерсбург.

Според Рохански, откажувањето на средбата е целосно погрешна проценка на рускиот менталитет. „Со Русија тоа не може така да функционира. Не можете да очекувате дека ќе ги казните Русите, и потоа тие да ја увидат грешката и да почнат да се однесуваат подобро. Динамиката на овие односи не е таква. Поверојатно е дека на овој начин само ќе се добијат уште подеструктивни последици“.

Притисок во Вашингтон

Руските реакции, според Рохански, се очекувани. Советникот на за надворешна политика на Путин, Јури Ушаков изрази жалење и оцени дека Вашингтон не ја третира Русија како „еднаков партнер“.

Од друга страна, тонот на Американците станува сѐ поагресивен. Сенаторот Чак Шумер од Демократската партија на Обама, изјави дека „Путин се обидува повторно од Русија да направи голема сила“ и дека нема смисла да му се оддава признание во тоа на билатерални средби. Само еден ден пред откажувањето на средбата, во ТВ интервју Обама ја обвини Русија дека „повторно запаѓа во менталитетот од Студената војна“.

Barack Obama Mimik zerknirscht abwehrend ernst

Обама е под голем притисок од домашната јавност

Во секој случај, Обама не е осамен во својата одлука. Откако му беше одобрен азил на Сноуден, неколкумина сенатори бараа да се бојкотираат Олимписките игри во Сочи во 2014, а самитот на Г20 да се префрли од Сенкт Петерсбург на друго место. Американските медиуми, од „Њујорк Тајмс“ до „Волстрит Џурнал“, постојано го критикуваат Обама дека е премногу попустлив.

Севкупно, постои голема индигнација и разочарување поради однесувањето на Русија во Вашингтон. Случајот Сноуден само ги извади на површина фрустрациите кои подолго време се таложеа и поради конфликтот во Сирија, нуклеарната програма на Иран и редица други прашања.

И покрај бројните отворени прашања, аналитичарот Рохански советува да се избере дијалогот и да се одбегнат радикални решенија.

„Русија секогаш ќе биде присутна на масата и ќе се обидува да ја игра улогата на контратежа на САД. Тоа е така затоа што Русите едноставно самите се гледаат во таа улога, но и поради односот на САД кон нив. Нема да помогне доколку САД се обидат да го изгаснат огнот со оган“.