1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американски суд: НСА смее да прислушува

Судот во Њујорк процени дека спорното прислушување на телефони од страна на американската тајна служба НСА е законско. Тоа служело за одбрана од терористички напади.

Масовното собирање на телефонски податоци од страна на тајната служба НСА, според еден американски суд, е законско. Не постојат докази за тоа дека владата податоците ги користела за нешто друго освен за одбрана од терористички напади, појасни судијата Вилијам Пaули во Њујорк. Американската група за граѓански права American Civil Liberties Union (ACLU) поднесе тужба против ваквата пракса и сакаше да го стопира шпионирањето по брза постапка.

Судијата Паули со својата пресуда ја отфрли тужбата. Тој меѓу другото аргументираше дека терористичката мрежа Ал Каеда со денешната техника е во состојба да планира терористички напади од далечина. Надгледувањето на телефонската комуникација не е ништо друго освен противудар на американската влада, се вели во пресудата. Со програмите би можеле да се соберат податоци за комуникацијата и на тој начин да се „исклучи“ терористичката мрежа. Програмата „црпи додуша информации за речиси сите телефонски разговори“ во САД. Дали ова е соодветно и со тоа согласно на уставот, е прашање на сопствена оценка.

Паули со својата пресуда ѝ противречи на проценката на еден друг суд, кој на средината на декември масовното собирање на телефонски податоци го класифицираше како веројатно прекршување на уставот, бидејќи програмата ја повредува приватната сфера на граѓаните на САД. Судот во Вашингтон тогаш ја разгледуваше тужбата на две физички лица.

Од јуни годинава, со откритијата на поранешниот сорабтоник на тајната служба на САД, Едвард Сноуден, беа обелоденети редица шпионски активности на НСА и други тајни служби со кои соработува. НСА освен што на надгледувала и-мејл и телефонската комуникациија на луѓе во целиот свет, прислушувала и врвни политичари, меѓу нив и канцеларката Ангела Меркел.