1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Американски самит на врвот

34 од вкупно 35-те држави на Северна и Јужна Америка учествуваат на вонредниот американски самит што се одржува во мексиканскиот град Монтереј - отсутна е само уште пред 42 години исклучената Куба. Средбата е можност за подобрување на односите во регионот, по негативниот развој откако на власт во САД е претседателот Џорџ Буш. Ирачката војна предизвика значително заладување на односите на Мексико со САД. Можност за поправање нуди иницијативата на американскиот претседател Буш за подобрување на правната ситуација на околу 10 милиони илегални доселеници, најголемиот дел од Мексико и од централноамериканските држави. "Долгорочен одговор на емигрантската проблематика е ние заеднички, како добри пријатели, да се погрижиме луѓето да најдат работа и овде во Мексико. Но, сега реалноста е таква, што Мексиканците доаѓаат во САД и нив таму ќе ги третираме со респект", најави Буш по разговорот во четири очи со мексиканскиот претседател Висенте Фокс. Многу држави на Латинска Америка се чувствуваат дискриминирани од актуелните заострени одредби за влегување во САД. "Во иднина посакуваме и ние, како Канаѓаните, да не мораме веќе да даваме отпечатоци од прстите при влегувањето во Соединетите Држави", рече домаќинот на самитот Фокс. Бразил дури воведе мерки на реципроцитет: американските граѓани при влегувањето во таа земја мора да бидат фотографирани. "Разликата е во тоа што бразилските мерки се насочени директно против нас, додека нашите одредби важат за сите земји, со исклучок на оние на кои не им е потребна виза", укажа американскиот министер за надворешни работи Колин Пауел. Буш вчера вршеше притисок за востановување континентална зона на слободна трговија до наредната година. Тие планови наидуваат на значителен отпор: Бразил и други држави се стриктно против и аргументираат дека САД сакаат слободен пристап кон пазарите на Латинска Америка, а со милионски субвенции за своите земјоделци влијаат на конкурентската борба кај аграрните продукти на штета на другите земји. Ставот дека зоната за слободна трговија ќе ја зголеми нерамнотежата во полза на САД и ќе води кон поголема сиромаштија во Латинска Америка го споделуваат и радикалните противници на глобализацијата, кои протестираат во Монтереј, при што постојано доаѓа до помали судири со полицијата. Учесниците на самитот скептично го примија и апелот на Буш за заедничко ангажирање за брз политички пресврт во Куба. На САД им е трн в око подобрувањето на односите на некои држави со Куба. "Во нашата чудесна хемисфера во меѓувреме 34 од 35-те држави се демократии. Единствен исклучок е Куба. Таму режимот се' уште ги угнетува луѓето, им ускратува подобри животни услови и - кога условите му го дозволуваат тоа - на други места поттикнува безредија", вели Колин Пауел. Притоа го има на ум спорниот венецуелански претседател Хуго Чавез, против кого со месеци има масовни протести, но кој знае дека зад него стои барем еден шеф на латино- американска држава; имено, Фидел Кастро. Американската антикубанска политика ја критикуваа пред се' Бразил, Венецуела и Аргентина. Повеќе држави сакаат да изградат мостови за враќање на островската земја во континенталната заедница.