1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Американски самит заврши без договор за зона за слободна трговија

Во Монтереј, Мексико, заврши самитот, на кој со исклучок на Куба, учествуваа сите земји од Северна и Јужна Америка. Зоната на слободна трговија - која веќе подолго време е предмет на преговори и договори - сепак засега останува само проект.

Засилена борба против сиромаштијата и социјалната нееднаквост беше основната замисла на овој самит. Тој мина пред се' во знак засилен судир меѓу САД и нивните сојузници и некои големи јужно-американски земји. На крајот, конечно е постигната согласност за завршна декларација. Мексиканскиот претседател, Висенте Фокс, изјави:

"Изјавата е израз на заеднички американски компромис, кој треба да даде уверување дека ние ќе можеме да соработуваме и натаму во интерес на нашите народи. Денеска мора да ги поставиме насоките на иднина без сиромаштија, глад и мизерија. Потрагата по компромиси за мир и благосостојба во нашата хемисфера му даде рамка на овој самит, кој треба да им служи на нашите народи."

Договорено е кредитите на Меѓународната банка за развој за мали и средни претпријатија да бидат тројно зголемени до 2007 година. Истовремено, трошоците за префрлање пари, пред се' од Северна Америка треба да се намалат за половина. Освен тоа, треба да се основа и фонд, кој во случаи на природни катастрофи би гарантирал итна помош за погодените земји. Ваквата завршна декларација за Вашингтон значи двоен пораз. САД сакаа да биде донесен заклучок за казнување на корумпираните земји. Голем број шефови на држави, меѓутоа, стравуваа дека САД сакаат да искористат ваков параграф за казнување на несаканите влади и гласаа против. Американскиот претседател во Монтереј не успеа ниту со барањето за определување обврзен рок за формирање зона за слбодна трговија. Мнозинството сметаше дека за зона е потребно повеќе време. Чилеанскиот претседател, Карлос Лагос, со став:

"Од овој самит има многу важни резултати. Прво, јасно рековме дека економскиот развој е од полза само ако од тоа профитираат сите. Механизмите на пазарот сами по себе не се доволни за борба против сиромаштијата, зашто растечкото богатство треба да им биде од полза и на оние кои се во најнезавидна положба.

Северноамериканските претседатели на влади на тоа гледаат поинаку. Економскиот развој, како што вели канадскиот премиер, Пол Мартин, долгорочно е најдобриот инструмент за борба против сиромаштијата. "Ова е наша хемисфера и ние мора да ја следиме и натаму ваквата цел. НАФТА - зоната на слободна трговија меѓу Канада, САД и Мексико, покажува колку може да биде успешна соработката и зошто ваквиот модел сакаме да го прошириме на целиот континент. И, покрај тоа што сега не постигнавме напредок, мора да кажам дека ова беше успешен самит. "