1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американски доброволци во израелската армија

Додека Израел дискутира околу евентуален превентивен воен напад врз иранските атомски постројки, армијата добива доброволци од странство. Во земјата се разви жестока дебата околу односот кон регрутите.

Израелските власти, на почетокот на август, затворија цел терминал за да поздрават група од 350 доселеници од Северна Америка на меѓународниот аеродром Бен Гурион, југоисточно од Тел Авив. Дојде и премиерот Бенјамин Нетанјаху, Израелци стоеја во редици и ги поздравуваа доселениците, а свиреше и бенд.

Меѓу новодојдените имаше и 127 мажи и жени кои сакаат да и‘ се приклучат на израелската армија (ИДФ). „Аплаузот и радоста со кои бевме пречекани ме трогнаа“, вели Ерик Шор од Филаделфија. „Беше неверојатно. Многу луѓе плачеа затоа што си го остварија сонот“, нагласува 24-годишникот за ДВ.

Новите доселеници пристигнаа во вжештена атмосфера во Израел. Дебатата околу превентивен воед напад врз иранските атомски постројки, можеби уште пред американските претседателски избори во ноември, не стивнува. САД и други западни држави го обвинуваат Иран дека работи тајно на создавање атомско оружје

Иран во фокусот

При поздравувањето на аеродромот Бен Гурион, конфликтот со Техеран не

Israel / Netanjahu / Ministerpräsident

Бенјамин Нетанјаху: Најважната задача е одбрана на еврејската држава

беше децидно споменат, но израелскиот премиер веројатно мислеше на агресивната реторика на претседателот Махмуд Ахмадинеџад, кој бара уништување на „ционистичката творба“: „Денес сме сведоци на зол, нов антисемитизам, против кого мора да се бориме“, им се обрати Нетанјаху на идните војници. „Најважната задача е одбрана на еврејската држава. Тоа го правиме ние, тоа го правите вие и јас сум горд на вас.“

Ова е досега најголемата група странци регрутирани за воена служба во Израел. Тие сите припаѓаат на американската организација „Пријатели на израелските одбранбени сили“, групација која дава поддршка на регрутацијата на Евреи во дијаспората за воена служба во Израел.

Поддршка од семејствата

Ghadschar Abzug Israelische Truppen

Во Ерусалим има страв од војна. Жителите на градот се снабдуваат со гас маски, вода и конзерви. Ерик Шор, нов регрут од САД, на состојбата гледа прагматично. Неговото семејство во Филаделфија има разбирање: „Тие се, се разбира, загрижени, затоа што ова не се САД“, вели Шор. „Но тие сфаќаат дека оваа земја може да издржи и ќе преживее. Се‘ ќе биде добро.“

Шор се надева дека со дипломата по завршени блискоисточни студии и јудаистика, со својот беспрекорен хебрејски и познавањата на арапскиот јазик, ќе најде добро место во израелската армија.

На повидок нема крај

Некои Израелци се прашуваат дали државата навистина сака да регрутира странци во една армија, чии војници рутински се стационираат во Западниот Брег. Еден од критичарите на акцијата е Авнер Гзаријаху, активист на организацијата „Прекин на молкот“. Групата се ангажира за ширење на искуствата на ветераните од окупираните територии во израелската јавност. „Според мене, Израел нема потреба од нови регрути“, вели Гзаријаху, кој и самиот служел во армијата од 2004 до 2007 година. Се разбира дека се добродојдени, вели овој активист за ДВ, но според него има нешто многу поважно: „Многу е поважно младите американски Евреи да се занимаваат со социјалните проблеми во Израел отколку со Западниот Брег.“