1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американски генерал „се издрдорил“

Повторно оддавање тајни во САД: по Викиликс и Сноуден, генерал е осомничен за изнесување доверливи информации во јавноста. Ова е уште еден дополнителен удар за претседателот Обама.

Генералот Џејмс Картрајт порано беше вториот по ранг офицер во САД. Се вели дека негова била идејата за парализирање на иранската атомска програма преку интернет-вирус. Пред три години иранската програма за производство на илјада центрифуги за облагородување ураниум беше нападната и привремено парализирана преку вирусот „Стакснет“. Информациите околу овој возбудлив сајбер-напад, кој предизвика големо внимание во светот, генералот со четири ѕвезди им ги пренесол на новинарите на „Њујорк тајмс“.

„Сегашни и поранешни функционери“

Весникот минатата година детално пишуваше за „Стакснекс“ нападите. Притоа беа опишани тајни средби во Белата куќа и како сајбер-операцијата била водена од генералот Картрајт под кодираното име „Олимписки игри“. Американскиот претседател Барак Обама ја забрзал програмата одложена од неговиот претходник, Џорџ Буш, пишуваше весникот. „Њујорк тајмс“ се повика на интервјуа со „сегашни и поранешни американски, европски и израелски функционери, вклучени во програмата“. Според нив, американската тајна служба НСА го развила вирусот „Стакснет“ заедно со Израелците.

Cyber Krieg Stuxnet Virus Iran Atomprogramm

„Стакснет“ сајбер - нападот предизвика големо внимание во светот

Телевизијата НБС известува дека Министерството за правда започнало истрага против Картрајт, кој од 2007 до 2011 година бил заменик шеф на американскиот Генералштаб. Кога американската ФБИ истражувала од каде протекле информациите од Белата куќа, во визирот на истрагата се нашол пензионираниот генерал, јавува НБС. Ниту американското министерство за правда, ни адвокатот на Картрајт, поранешниот советник на претседателот, Грег Крег, не сакаа да дадат изјава во врска со извештајот.

Притисокот расте

Ако обвинувањата се потврдат, тоа би бил уште еден удар за владата на претседателот Обама. Таа веќе е мета на критики поради објавувањето илјадници доверливи депеши од американските амбасади преку интернет-платформата Викиликс и најново, поради обзнанувањето од страна на поранешниот службеник на американските тајни служби, Едвард Сноуден, на масивните прислушувања на интернет и телефонските комуникации во светот од страна на американските и британските тајни служби.

САД моментно го бараат Сноуден преку потерница, со обвинение за издавање тајна. 30-годишниот компјутерски експерт на медиумите им достави доверливи информации за тајната програма „Призма“, преку која американските тајни служби и нивните британски колеги добивале информации.

Од неделата Сноуден се наоѓа во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, а пред неколку дена побара азил во Еквадор. Тамошната влада се‘ уште не донесла одлука околу неговото барање. Барањето азил не може да биде разгледано се‘ додека Сноуден е во Москва и со тоа надвор од еквадорската државна територија, изјави еквадорскиот претседател Рафаел Кореа.