1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски авиони за „плашење“ на Русија

М. Книге/бг29 август 2015

Четири американски борбени авиони „Ф-22“ се стационирани во Германија. Тоа е јасен сигнал на солидарност на НАТО со своите источноевропски членки. Но, тоа е и јасна порака кон Русија, која не поседува такво летало.

https://p.dw.com/p/1GLd5
Фотографија: picture-alliance/dpa

На парискиот аеромитинг во јуни, шефицата на американското воено воздухопловство Дебора Џејмс за првпат јавно ја спомена можноста за стационирање на авиони од типот „Ф-22“ во Европа. Сега Пентагон потврди дека четири вакви авиони вчера се стационирани во Шпангдалем, Германија. Иако одлуката на Пентагон не е изненадување, таа покажува дека САД се загрижени поради безбедносната состојба во Украина- која повторно се влошува- поради што го забрзале својот план.

„САД не би ги стационирале таму своите Ф-22 доколку не сметаат дека е тоа неопходно“, оцени Конрад Музика, воен аналитичар, за магазинот „ИХС Џејнс“.
Одлуката на Вашингтон е секако поврзана со кризата во Источна Украина, но според Александер Мателар, професор на Слободниот универзитет во Брисел, „и трендот на меѓусебни пресретнувања меѓу американските и руските авиони и инцидентни ситуации - расте, па оттука и реакцијата на НАТО на овој тренд“. Овој експерт смета дека „командата на воздушните сили на Алијансата е одлучна доследно и решително да реагира на секое приближување на руските авиони кон воздушниот простор на НАТО“.

Сигнал за Источна Европа

НАТО, инаку, неодамна најави дека во септември ќе го преполови бројот на авионите кои учествуваат во патролите над Балтичките земји - од 16 на 8. Испраќањето на дополнителни летала од типот Ф-22 може да се гледа и како компензација за таа мерка. А може да се толкува и како сигнал на НАТО кон своите источноевропски членки, дека целосно ќе се придржува кон своите одредби, особено кон членот 5 од Вашингтонскиот договор.
„Источна Европа секако ќе го поздрави овој потег“, вели Музика. „Жителите на Источна Европа беа загрижени поради концентрацијата на руски сили во западните делови на Русија и дополнителното вооружување кое е испратено во регионот на Калининград“.

us-kampfjets, iran, f-22, raptor, emirate
Русија не може да му парира на „Ф-22“, велат експертитеФотографија: AP

Авион без конкуренција

Стационирањето на Ф-22 во Европа има и голема симболичка сила и ја покажува солидарноста со Источна Европа. Но, тоа може да ѝ предизвика и блага главоболка на Москва. „Тоа ќе биде големо зголемување на борбената готовност, бидејќи нема авион во светот кој може да се мери со Ф-22“, додава Музика. „Тоа е единствениот борбен авион од петта генерација кој е во оперативна употреба во светот. Со други зборови: Русија нема авион кој може да му парира“.

Бидејќи Ф-22 е многу тешко, често и невозможно, да се открие со системите на противавионско следење, нивното испраќање во Европа е јасна порака кон Москва, дека „потенцијалниот противник во воздух нема да биде откриен и дека ќе претставува опасност за руската авијација. Овие летала би можеле да имаат важна улога во меѓусебното заплашување меѓу Алијансата и Русија“, вели експертот Мателар.