1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американските џинови молат за државна помош

Три големи американски автомобилски концерни побараа државна финансиска помош од 25 милијарди долари, за да се спасат од банкрот. Но, „Џенерал Моторс“, „Форд“ и „Крајслер“ не можат да сметаат на брза помош од државата.

default

Автомобилските гиганти во тешка криза

Американскиот министер за финансии Хенри Паулсон одби дел од 700 милијарди долари тешкиот пакет за санирање на банките да биде пренаменет за производителите на автомобили. Тие помошта ја бараат за да ја пребродат актуелната криза.

Стратегија на тројката

Рик Вагонер, шефот на „Џенерал Моторс“, е тој што би требало најпонизно да моли. Според неговите зборови, фирмата е пред банкрот и со тоа најпогодена од некогашната голема тројка од американскиот град на автомобилската бранша, Детроит. Но, токму Вагонер се закани пред Сенатот со последиците кои би ги имал крахот на американската автомобилска индустрија.

„Целокупното американско стопанство ќе мора да биде спасувано од катастрофален колапс“, им се обрати Вагонер на скептичните сенатори, пред се‘ од Републиканската партија. Ним им се смачи уште при донесувањето на одлуката за спасувачки пакет за финансиската бранша од 700 милијарди долари. Автоиндустријата сега бара 25 милијарди долари од овој пакет, кои би биле наменети за долго запоставуваниот развој на нови еколошки модели возила.

Ford Hauptquartier in Michigan Flagge

Позајмица за преживување

Ние не сме виновни, потенцираше шефот на „Крајслер“ Роберт Нардели, нам само ни треба помош за да ја пребродиме страшната рецесија која ја зафати нашата бранша, а која е последица на финансиската криза...

Стратегијата на тројката автомобилски концерни е јасна: првиот ќе влева страв, вториот ќе изигрува жртва, а третиот ќе смирува: ние не сакаме ништо да ни биде подарено, како што истакнува првиот човек на „Форд“, Ален Мјулали. Како и нашите конкуренти, и ние мораме да молиме за позајмица за пребродување на ситуацијата, гласи неговото барање.

Не се работи за прв случај

А тоа еднаш веќе се случи: во 1979 година Крајслер беше спасен со 1,2 милијарди долари од државната каса и на крај ги врати парите со камата и тоа предвреме. Но, овојпат не би одело толку лесно. Идниот американски претседател Барак Обама се изјасни за спасувачки пакет, но неговите партиски пријатели во Сенатот се воздржани. Членот на Демократската партија Кристофер Дод на сметка на шефовите на автомобилските производители изјави: „Тие бараат лек за раните за кои во голем дел сами се виновни. Никој не може да каже дека кризата стигна ненадејно“, смета Дод.

Dodge Charger von DaimlerChrysler - Auto Show Detroit

Последица на финансиската криза или и сопствени слабости?

Во зачудувачка едногласност неговиот колега од Републиканската партија Мајк Енци дополнува: „За кризата придонесе и недоволната продуктивност. Пред да ставиме на располагање 25 милијарди долари, дали не треба прво да прашаме што ќе се случи со парите?“

На ова слично гледа и владата на Џорџ Буш:

„Даночните обврзници не треба да им ги даваат своите пари на фирми кои немаат стратегија што ветува долгорочен успех“, изјави владиниот портпарол Дејна Перино.

Значи, на автомобилската бранша последна шанса и‘ останува Барак Обама. Но, тој ќе ја преземе претседателската функција дури на крајот на јануари. Дотогаш „Џенерал Моторс“ може да банкротира.