1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американските фрустрации околу Русија

Дали се заканува нова студена ера во односите помеѓу САД и Русија? Москва му одобри азил на Едвард Сноуден, реакциите на САД се многу остри. Меѓутоа, и порано имаше многу нерешени спорови.

„Пркосна Русија“- таков наслов американскиот весник „Њујорк Тајмс“ му даде на текстот за одлуката на руските власти да му одобрат азил на една година на поранешниот службеник во американската тајна служба Сноуден. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн говореше за „шлаканица за секој Американец“. Други бараа бојкот на Зимскските Олимписки Игри во Сочи и преместување на претстоечкиот самит Г20 закажан за почетокот на септември, од рускиот Санкт Петерсбург во друга земја. Белата куќа во својот протокол наведе дека е „длабоко разочарана“.

Кори Велт, заменик директор на Факултетот за меѓународни односи на Универзитетот во Вашингтон има поинакво мислење: „Во моментов се манифестира многу гнев и претерано возбудување, особено во Конгресот“, вели тој, наведувајќи дека се надева оти наскоро се' ќе помине и дека вниманието ќе се насочи кон други, поважни теми.

Разочараност и тоа не само поради Сноуден

Ќе мине меѓутоа уште некое време додека ситуацијата не се смири. Случајот Сноуден е симтоматичен за комлицираните односи меѓу двете земји, кои американскиот претседател Барак Обама сакаше да ги постави на нови основи. Обама во 2009 година кога беше избран за американски претседател, имаше најдобри намери кон Русија, исто како и кон Кина и кон арапскиот свет. Неговата испружена рака никој не ја прифати.

Обама вложи многу време и политички капитал во руско-американските односи. Резултатот е меѓутоа скромен и тоа не само во случајот со Сирија и со Иран туку и кога станува збор за нуклеарното вооружување, човечките права и други важни политички прашања. Американците и Русите се на дистанца, на каква што одамна не биле.

Дали е тогаш мудро да се стеснуваат преостанатите канали на комуникација и дали на Русија и се заканува откажување на средбата на Г20, планирана за септември годинава?

Метју Ројански, директор на вашингтонскиот Кенан институт, на претседателот му препорачува да отпатува во Москва: „Дури и ако не очекува  Путин да го израчи Сноуден, да го смени ставот кон Сирија, да потпише договор за нуклеарно разоружување и да се согласи на компомис во работите кои се за Обама и за САД од голема важност, американскиот претседател би требало да отиде во Москва.“

Во спротивно „несреќната серија на немили настани ќе продолжи“, вели Ројански за ДВ. „Една провокација местото ќе и го отстапи на друга, ќе се создаде недоверба и ќе се оневозможи развој на основните заеднички инструменти за кризен менаџмент.“

Вашингтон мора да се прилагоди

Новата студена ера помеѓу САД и Русија беше навестена минатата година, кога Владимир Путин го презема третиот претседателски мандат. Неговиот повторен избор беше проследен со остри протести на руската опозиција. Без разлика на тоа што Путин не заборави дека Американците покажаа сипатии кон демонстрантите, факт е дека неговиот политички простор за дејствување стана помал отколку што тоа изгледа погледнато од надвор. Путин ја користи надворешната политика за да добие солидарна поддршка од населението и со тоа да се одржува на власт. Вашингтон сигурно ќе се подготви за периодот по Путин. Дотогаш меѓутоа мора да се помири со состојбата на актуелните американско-руски односи.