1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Американскиот махер за трошење народни пари се вика Буш

Се уште актуелниот американски претседател Џорџ Буш во Конгресот го претстави последниот предлог-буџет на неговата влада. И место да се намалуваат долговите, овојпат енормно се зголемува дефицитот.

default

„Ете и јас штедам„!

Претседателот Џорџ Буш и овојпат потврди дека во него се крие решителен заштитник на природата: предлогот на буџетот за 2009 година за првпат во историјата не беше отпечатен како дебела книга што им се дели на пратениците и новинарите, туку беше испратен електронски, како што објасни претседателот:

„Предолгот на буџетот за Конгресот е овде во еден лап-топ. Тоа штеди хартија, ги штеди дрвјата и штеди пари. Тоа е првиот електронски испратен државен буџет и тоа е добар буџет„.

Поделени мислења

За последното тврдење мислењата се сосема различни. Факт е дека за првпат една американска влада во една година потроши преку два билиона долари. Дебела ставка од 7 проценти е насочена за буџетот на одбраната, а министерството за внатрешни работи дури може да се радува на пораст од 11 проценти.

Џим Насл, шеф на финансиите во Белата куќа тоа вака го образложи:„Сметаме дека сумите се оправдани. Секако, нашата земја се наоѓа пред други предизвици, но нашата економија ќе колабира ако не сме во состојба да ја браниме нашата земја. Затоа го даваме неопходното за да бидеме сигурни дека како супер-сила ќе ја осигураме нашата безбедност.“

Како втор голем фактор на трошоци за 2009 година е многу дискутираната конјунктурна програма: даночни подароци за потрошувачите и фирмите во висина од 145 милијарди долари за да се спречи рецесија.

Кои се најголемите губитници?

Најголемите губитници во предлогот на буџетот се образованието кое не доби никаков плус, како и здравствената програма за пензионерите и сиромашните. Трошоците за програмите наречени Медиккер и Медикејд во наредните пет години треба да се намалат за 200 милијарди долари. Причина, растечките барања на бејби-бум генерацијата која може да ја направи владата платежно неспособна за неколку години.

Џим Насл:„Сето ова е неопходно. Тоа е слично како автоматски пилот. Ниту конгресот, ниту претседателот не можат така да влијаат. Меѓутоа трендот покажува дека тоа не е одржливо. Без промени, по 35 години, сите даночни приходи би оделе во тие принудни трошоци, без да може ниту еден цент да се оддели за другите базични трошоци на владата како одбраната или внатрешната заштита.“

Новото задолжување се удвои

Планираните скусувања во социјалата имаат и една друга причина. Во 2012 година американскиот буџет треба да биде балансиран. Меѓутоа, новиот предлог на буџетот на претседателот Буш од тоа е оддалечен со километри. Новото задолжување во 2009 година се удвои и треба да изнесува 410 милијарди долари. На тој начин планираниот минус точно изнесува колку вкупниот германски буџет. Оттаму и реакциите на демократите во Конгресот се сосема очекувани.

Сенаторот Кент Конрад, шеф на финансискиот одбор:

„На 42-ца американски претседатели им беа потребни 224 години за да стигнат до еден билион долари долгови кон странство. Претседателот Буш за пет години оваа сума ја дуплираше„.

Затоа демократите најавија решителен отпор против ваквиот предлог на буџетот. Првиот електронски пренесен предлог на буџетот во американската историја, значи, ќе добие нови верзии додека вистинскиот буџет за 2009 година не биде точно отпечатен, усвоен и стегнат.