1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Американска интервенција во Сирија би се соочила со огромни предизвици

Американските сенатори вршат притисок врз претседателот Обама директно да интервенира во Сирија, во граѓанската војна која се повеќе се' балканизира. Но сите воени опции со кои располага Вашингтон, носат големи ризици.

Повеќе од една година како САД во Сирија оди по тенка линија, нудејќи им на бунтовниците реторичка поддршка и помош од секаков вид, но не и воен. Јавно, САД се дистанцира од секоја помисла на примена на американска воена сила во уривањето на режимот на Башар ал Асад во Дамаск.

Во најновиот обид да се најде мирно решение, САД и Русија се согласија да ги спонзорираат разговорите меѓу разните фракции на бунтовниците и режимот на Асад, во Женева, можеби веќе во јуни. Но остануваат клучните разлики меѓу овие две земји постојани членки на Советот за безбедност: САД продолжува да инсистира на тоа Асад да поднесе оставка, додека Русија смета оти неговата судбина е внатрешен проблем на Сирија. Мировните преговори исто така се компликуваат поради тоа што Москва сака во преговорите да учествува и Иран, главниот ривал на Вашингтон во регионот.

Во американскиот Конгрес, клучните сенатори се залагаат за директна американска интервенција на теренот. Сценаријата се движат од вооружување на бунтовниците, до воспоставување зона за забрана на летови и заштитени зони, се' до интервенција на копнените трупи со цел да се стави под контрола сириското хемиско оружје.

Вооружување на бунтовниците

Сенаторите Роберт Мендез и Боб Коркер подготвија нацрт- закони со кои претседателот Обама би дал овластување да се започне со вооружување на избрани фракции на бунтовниците.

„Витални национални интереси се во прашање и ние не можеме да гледаме од страна како иранското присуство во Сирија се зголемува, како се влошува бегалската криза и се заканува да се дестабилизира регионот, како се користи хемиско оружје против сирискиот народ и како таму се вкоренуваат групи блиски на Ал-Каеда“, изјави Мендез.

Според нацрт-законот на сенаторите, на американско оружје ќе имаат право само проверени бунтовнички групи „кои исполнуваат одредени критериуми за човековите права и неширење на тероризмот“. Противвоздушната одбрана ќе биде предмет на посебно строги ограничувања. Администрацијата на Обама веќе го олесни трансферот на оружје од источна Европа на некои фракции на сириските бунтовници, вели Арам Нергуизиан од Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Зони на забранети летови

Од раните фази на граѓанската војна во Сирија, имаше повици во западните земји, за воспоставување зони за забрана на летови и безбедни зони за опозицијата. Минатиот март, сенаторите Карл Левин и Џон Мекејн напишаа писмо до претседателот Обама, повикувајќи го да користи „ограничена“ воена сила за воспоставување безбедни зони во Сирија.

„Апелираме да вложите напор, заедно со нашите пријатели и сојузници, да ја поддржите Турција, доколку е таа подготвена да воспостави безбедна зона во рамките на сириската северна граница“, напишаа сенаторите.
Меѓутоа, според Нергуизиан, тој вид воена операција веројатно бара две борбени групации, од кои секоја мора да има носач на авион и поддршка од придружни бродови.

„Станува збор за операција која би траела нон-стоп, за сузбивање на сириската авијација и противвоздушните капацитети. Битката кај Кузаир покажа оти е опасно да се потценува војската на Асад“, вели Нергуизиан.

Senator John McCain

Сенаторот Џон Меккејн

Западната воена операција која би вклучувала носачи на авиони е комплицирано решение поради фактот дека Русија распореди 5 дополнителни бродови во Медитеранот. Исто така, Москва на Сирија и продаде анти-бродски ракети кои се во можност да ја погодат цели која си на оддалеченост како Кипар.

Обезбедување на сириското хемиско оружје

Секретарот за одбрана Чак Хејгел неодамна рече дека околу 200 американски војници се испратени во Јордан да помогнат во планирањето на потенцијалните копнени операции во Сирија. Весникот „ Лос Анѓелес Тајмс“ објави дека тој број може да биде зголемен на 20.000, доколку администрацијата на Обама реши да интервенира за да го спречи користењето на хемиско оружје во Сирија.

Меѓутоа, повикувајќи се на неименуван службенк на Пентагон, телевизијата СиЕнЕн во февруари објави дека за таква операција се потребни до 75.000 копнени трупи. Нергуизиан вели оти, без разлика на приказните за воена интервенција во некој момент- порано или подоцна- преговорите ќе бидат неопходни.