1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

АМБО не е мртов

Две европски компании ќе се вклучат во проектот АМБО. Екс-македонскиот министер Глигор Ташковиќ тврди дека нафтоводот што треба да минува низ Албанија, Македонија и Бугарија е најизвесен од сите конкурентски проекти.

default

Проектот АМБО не е мртов, напротив - очекуваме 2010 да донесе нов импулс во реализацијата на овој крупен зафат, извонредно значаен не само за Македонија, туку за целиот регионот. Ова во разговор за Дојче веле го тврди поранешниот македонски министер Глигор Ташковиќ, член на конзорциумот АМБО. Тој открива дека две европски компании ќе се вклучат во проектот.

„Најново е што имаме две нови компании кои преговараат да се вклучат во проектот. Се вршат подготовки, преговорите се во завршна фаза, очекуваме исход за најмногу шест месеци. Станува збор за две европски компании, една од исток и една од западниот дел на континентот“, вели Глигор Ташковиќ.

Македонија настрана од играта

Руско-украинскиот спор за гасот ја покажа европската зависност и исцрта нова енергетска мапа. На неа нема место за Македонија. Земјата е само набљудувач на големите игри што ги водат моќните држави за контрола врз енергетските извори и коридори. Набуко, Северен, Јужен тек, Син тек. Ниту еден од овие гасоводи нема да минува низ македонска територија. Реализацијата на АМБО не може да почне со години, но Ташковиќ е уверен дека овој нафотвод е најизвесен проект во однос на конкуренцијата.

Karte Infografik Verlauf der Gaspipelines in Europa Deutsch

Енергетската мапа на Европа

Многу е тешко во денешно време да се гради нафтовод или гасовод што минува во повеќе од три земји. Потребно е да се усогласи легислативата, да има добрососедски односи како предуслов и сето тоа да се менаџира. Затоа, крупните проекти треба да се планираат во најмногу три земји.

„Повеќе од три е кошмар. Логистички, бирократски кошмар. Мислам дека ова се силни аргументи кои ги потврдува состојбата на терен. Во овој регион има најмалку пет замислени траси кои се конкуренција на АБМО. Но, ниту милиметар од нив не е изграден.“

За место треба да се избориш

Македонија е далеку од почетните и завршните точки на најважните енергетски патишта, далеку од големите производители и потрошувачи на енергенси. Таквата позиција и малиот пазар ја прави земјата неважна при трасирањето на гасоводите и нафтоводите. Затоа властите треба да лобираат повеќе и да се борат поагресивно за место на Македонија на енергетските коридори, вели Ташковиќ со цел земјата да обезбеди статрегиско долгорочно решение за енергетска стабилност.

Македонија е енергетски зависна од увоз. Иако има недостиг од енергенси во изминатите години многу малку или воопшто не инвестираше во изградба на нови капацитети. Дури лани, толку време од осамостојувањето, земјата изготви енергетска стратегија што ги зацртува приритетите и проектите во наредните 20 години.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска