1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Амбасадите изгубени во „преводот“: заедничка кирија или заедничка мисија?

Стравот од „србизација и на надворешната политика“, ги стави во сенка објаснувањата дека идејата за заеднички амбасади со соседите не е заедничка дипломатија, туку финансиска заштеда

default

Зградата на македонското МНР

Големи реакции предизвика владината поддршка на иницијативата Македонија да дели заеднички простории на дипломатските претставништва со дел од соседите во некои земји. На листата соговорници за овој предлог инспириран од „скандинавското искуство“ се Србија, Турција, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Но, сознанијата дека Србија е прва со која е разговарано за тоа прашање, ја подигна политичката температура во земјава, па во сенка остана најавата дека тоа „заедништво“ ќе биде техничко, а не политичко.

„Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и тие нема да делуваат заеднички, туку засебно. Но, заради заштеда на финансиски средства за кирии, идејата е таму каде што ние имаме поголем простор да отстапиме дел за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат. Така, и во држави каде немаме амбасади и дипломатски претставништва да ги имаме или некаде да ги намалиме трошоците со тоа што ќе користиме простор што некој друг го плаќа или веќе го купил“, изјави Груевски.

ДУИ дала зелено светло

Објаснувањето на премиерот не ги смири реакциите. Во нив доминира стравувањето од „србизација и на македонската надворешна политика“, кое се темели на неколку последователни настани. Овозможувањето прослава на српските власти кај кумановски Зебрњак, со која практично се одбележани 100 години од српската окупација на Македонија, зедничкото патролирање на српски и македонски полицајци, отворањето на заедничка канцеларија на граничниот премин Табановце, заедничкиот состанок на двете влади лани во Белград и поставувањето на споменикот на цар Душан во Скопје, се дел од причините кои создаваат недоверба во искреноста на новата иницијатива. Прва со реакција се јави ВМРО-Народна партија. „Предлагаме, спојувањето на амбасадите да не е единствениот чекор, туку уште подобро ќе биде и министерството за надворешни работи ако е можно да го споиме, затоа што е очигледно дека тоа е во функција на нашиот северен сосед во последните неколку години“, соопшти ВМРО-НП. Нејзиниот лидер и поранешен премиер, Лубчо Георгиевски, смета дека со овој предлог се докажува непринципиелната политика на Владата кон соседите, а „скандинавската политика“ се реализира само со Србија.

Според аналитичарот Мерсел Биљали, со сегашниот предлог се создава регионален и политички дисбаланс и порача во иницијативата да се вклучат, пред се, Албанија и Косово. Граѓанското движење „Разбуди се“, резигнирано праша „до каде може да оди ова србофилство, во време кога Србија не ја признава Македонската православна црква“ и иронично побара Србија да го реши и спорот за името на Македонија. Тие прашаа дали овој предлог поминал во Владата и каков бил ставот на министрите Албанци? Според изјавата на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи за Дојче веле, министрите Албанци веќе дале зелено светло за оваа иницијатива.

„Тоа е принципиелен предлог кој не прејудицира со која соседна држава би се здружиле логистичките ресурси на дипломатските претставништва. Тоа е во функција на економичноста и ефикасноста на дипломатско-конзуларните претставништва и во функција на новиот дух на регионална соработка која доминира во последниот период, како подготовка на регионот за влез во ЕУ“, изјави Османи.

Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien

Македонскиот премиер Никола Груевски

Недовербата голема

Аналитичарите предупредуваат дека мора да се процени дали оваа иницијатива ќе донесе поголема финансиската корист или поголема политичката штета. Според нив, скандинавското искуство е добро, но прашање е дали може да се преслика во регион кој се уште има многу нерешени политички проблеми. Сличен став има и косовскиот министер за надворешни работи, Енвер Хоџај.

„Не можам јас да оценам како соседните земји од регионот се претставуваат во надворешната политика, затоа што тоа е нивна сувереност и немам информации како тоа може да функционира. Ние треба да ги разгледаме околностите. Прво, нордиските земји кои можат да имаат такви претставништва многу се разликуват од постјугословенските земји, кои овие две децении преживеаја низа човечки трагедии и каде политичката независност е најголемата потреба. Србија сé уште интервенира во внатрешните работи на соседните држави и затоа регионалната соработка е далеку од тоа да биде одлична“, изјави Хоџај за порталот „Алмакос“.

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Денко Малески, смета дека отсуството на елементарна доверба го прави проектот политички неисплатлив за Македонија, без оглед на економските заштеди. Како причина за тоа ги посочува последиците од подивеаните национализми кои преку серија етнички војни ја разрушија југословенската федерација, ги срушија и мостовите на доверба меѓу народите на идните независни држави, па, според него, ќе биде потребно уште време тие мостови на доверба да се обноват.

„Недовербата кај Македонците во „вистинските намери“ на српската политика, чија иницијатива потсетува на обид да се поврати загубеното влијание врз нашата држава, а зајакнато со историската недоверба на Албанците кон Србите, овој проект на економско штедење го прави политички неисплатлив. Наша задача е самите да го изодиме патот до евроатлантските интеграции, за да можеме да ги користиме дипломатските структури на ЕУ и НАТО. Позицијата членка на овие два сојузи, ќе ја реши македонската безбедносна дилема, која се сведува на историскиот страв - што ни подготвува соседот, и во голема мерка ќе не ослободи од вградената недоверба. Тогаш, без страв и комплекси ќе можеме да ги поддржиме сите регионални иницијативи за соработка“, вели Малески.

Само ЕУ има заедничка надворешна политика

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

Експерти кои ги консултираше Дојче веле, велат дека во принцип, заедничка надворешна политика или усогласување на политичките ставови денес во светот постои само во ЕУ и на ниедно друго место. Онаму каде што помалите земји не можат да го покријат целиот свет, а имаат потреба од визно-конзуларни активности, се потпираат на друга земја членка на ЕУ присутна во тој регион. Латвија, на пример, е дел од Шенген - системот и ако некој сака да аплицира за виза за влез во неа, а Латвија нема амбасада или конзулат во таа земја, тогаш друга земја-членка на ЕУ која мора да е членка на Шенген-системот, може да ја прифати апликацијата и да постапува по неа. Во регионов, Словенија прима апликации и одобрува визи за Австрија, Франција, Унгарија, Холандија... Експертите потенцираат дека ниту една држава која е надвор од ЕУ не дозволува нејзината надворешна политика да се формира во некоја друга амбасада или министерство, туку само конзуларно-техничките работи – визи или патни листови во случај да е изгубен пасош и слично. Тие потсетуваат дека во почетокот на '90-тите години, кога поранешните ју-републики се уште не беа признаени како независни држави, некои соседни држави им помагаа и во дипломатското (политичко) претставување во светот, овозможувајќи им контакти на нивните политичари и дипломати со странски претставници. На пример, Словенија и Хрватска во такви ситуации беа претставувани, поточно промовирани од Австрија.

Денес земјите се независни, но довербата меѓу нив сѐ уште е ниска. Во меѓувреме, додека се прави есапот колкав би бил ќарот, а колкав зијанот од оваа инцијатива, Македонија може и сама да направи заштеди. Малески, за почеток предлага неколку начини: укинување на луксузи и воведување политика на скромност, реално димензионирање на дипломатската мрежа според големината на државата, јакнење на амбасадите во центрите на мултилатералата или во престолнините на големите држави во кои има амбасади од сите држави во светот, избор на искусни дипломати, но и покривање на држави директно од министерството во Скопје. И тоа е скандинавско искуство.