1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Амазон - гигант во интернет-продажбата

Околу 7.4% од трговијата на мало во Германија се извршува преку интернет-продавниците. Еден од лидерите во оваа сфера е интернет-сајтот „Амазон“. Сепак, не целата историјата на интернет-продавницата е толку розова.

default

Во јули 1994 година Американецот Џеф Безос од Сиетл регистрира фирма, чија цел беше да продава книги преку интернет. Една година подоцна беше отворена интернет-страницата amazon.com, име кое намерно немаше никаква асоцијација со книги, бидејќи претпријатието планираше наскоро да се прошири и да продава разни други производи. Кристина Хегел работи во германската филијала на „Амазон“:

„Тоа отсекогаш беше нашата цел. Кога Џеф Безос го почнуваше бизнисот, сакаше на интернет да понуди се` што купувачите сакаат да купат преку интернет и тоа по поволна цена.“

Првата книга што Безос ја продаде беше дело за интелигентни компјутери и вештачка интелигенција, што беше еден вид претскажување за она во што се разви неговата интернет-продавница. Од крајот на деведесеттите години, системот на „Амазон“ е програмиран на тој начин што се обидува да ги запознае купувачите. Страницата ги меморира артиклите што муштеријата ги купил, оценил или само го погледнал и на тој начин, при следното барање, му дава многу поконкретни резултати. Ваквиот концепт се покажа како успешен и во 1998 година беа отворени првите претставништва на фирмата во други земји.

„Покрај Англија, каде отворивме филијала во исто време како и во Германија, во меѓувреме имаме претставништво и во Франција, а присутни сме и во Јапонија и Кина.“

Од книги, до накит, обувки, музика....

USA Amazon E Book Kindle wird vorgestellt von Jeff Bezos

Бизнисот на Џеф Безос почна како интернет-книжарница

Меѓутоа, во 2000 година „пукна“ таканаречениот интернет-балон и приходите на „Амазон“, како и на другите интернет-продавници, драстично опаднаа. Сепак, бизнис-планот на „Амазон“ не ни предвидуваше поголеми добивки во првите години, па затоа се извлече од катастрофата без поголеми загуби. Затоа акциите на претпријатието денес постојано растат. Но, денешниот „Амазон“ драстично се разликува од она што некогаш почна како интернет-книжарница. Во 1998 година беше отворен отсекот „Амазон мјузик стор“, каде на муштериите не им се нудеа книги, туку компакт дискови. Тоа беше само првиот чекор кон продавањето на други производи:

„Од накит, часовници, преку обувки, до прехранбени производи - покриен е целиот спектар производи што луѓето сакаат да ги купуваат преку интернет.“

Особено успешен е таканаречениот „пазар“, дел од сајтот на кој членовите можат да ги препродаваат или да понудат нови производи, со што „Амазон“ почна да и` го презема бизнисот на најголема интернет аукциска куќа, ebay.com. Во меѓувреме, во Германија и САД, преку „Амазон“ можат да се купат и директно да се даунлодираат песни во мп3-формат.

Книгата повторно најголем предизвик

Kindle Lesegerät

Дали во иднина вака ќе читаме?

Во последно време особено популарен е „Киндл“, дигитална направа на „Амазон“ на која можат да се читаат книги во дигитален облик, „симнати“ по пониски цени. Ова наскоро ќе биде достапно во преку сто земји.

„Потрошувачите во Германија сега имаат пристап до преку 250.000 книги, иако понудата засега е ограничена само на дела на англиски јазик. Меѓутоа, и тука работиме на тоа секоја книга да биде достапна на секој јазик за само шеесет секунди“, вели Кристина Хегел од „Амазон“ во Германија.

Книгата во дигитален формат е еден од највозбудливите идни проекти на концернот. Авторите кои не можат да најдат издавач за своите дела, можат истите да ги продаваат директно преку „Амазон“, или, пак, сопствените издадени дела да ги понудат преку инфраструктурата на сајтот - за нив постои програмата „Амазон енкор“, чија цел е вниманието да го сврти врз романи, чија вредност и значење не биле доволно согледани. А со ова, „Амазон“ повторно доаѓа до она од што почна - интернет-книжарница што ги поставува новите стандарди.

Автор: Карстен Курце / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска