1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ал Џазира: Арафат бил отруен со полониум

Веста на Ал Џазира за убиство на Јасер Арафат може да го потресе Блискиот Исток. Арафат не умрел од природна смрт, се тврди во информацијата која се заснова на извештај на швајцарски научници.

Јасер Арафат бил отруен, јави телевизијата Ал Џазира, повикувајќи се на изјави на швајцарски научници кои во ткивото од ребрата на Арафат и бутните коски измериле вредности на полониум 18 пати повисоки од нормалното. Со тоа за вдовицата на Арафат, Суха, е јасно - сега има научен доказ дека нејзиниот сопруг е жртва на политички мотивирано убиство, изјави таа вчеравечер (06.11):

„Ќерка ми и јас ако треба ќе одиме во сите судови во светот со цел да бидат казнети оние кои го извршиле злосторството.“

Шефот на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) Јасер Арафат почина во болница во предградие на Париз, во ноември 2004. година. Причината на смртта не беше утврдена, аутопсија не беше извршена. Пред една година медициснки лица од Франција, Русија и Швајцарија зедоа проби од телото на Арафат, кој беше погребан во Рамала. На тоа инсистираше вдовицата на Арафат, откако беше утврдено дека на парчиња од облеката на шефот на ПЛО има траги на радиоактивниот отров полониум 210.

Yasser Arafats Grab Exhumierung geplant

Гробот на Јасер Арафат

Швајцарските научници во својот завршен извештај пред неколку дена на палестинските автономни власти и на вдовицата на Арафат им го предадоа својот завршен извештај. Според наводи на Ал Џазира, во извештајот се укажува на тоа дека има знаци на труење со полониум 210. На работите така гледа и британскиот форензичар Дејвид Барклеј, кој по барање на телевизијата го прочитал извештајот на швајцарските научници:

„Кога би бил судија, на ова би гледал како на несоборлив доказ. Не може да има сомневање дека полониумот ја предизвикал смртта на Арафат“, изјави Барклеј.

Високорадиоактивната материја, според вештачењето, мора да била произведена во атомски реактор. Спроед британскиот експерт, отровот на Арафат веројатно му го дал некој од неговото непосредно опкружување. Затоа, тој смета дека француските власти, кои со години водат истрага за смртта на Арафат, сега треба да постапат како при секое нарачано убиство:

Jassir Arafat Jahrestag Ramallah

Многумина Палестинци го слават Арафат како херој и девет години по смртта

„Некој морало да има пристап до него, мора да имало договори, можеби дури и телефонски разговори и трасфер на пари. Сега француските иследници мора да испитаат се‘ за да откријат кој го извршил злосторството во 2004. година.“

Веднаш по смртта на Арафат, кој од страна на Палестинците и по девет години од смртта е славен како херој, имаше претпоставки дека се работи за убиство. Кога се разболе Арафат беше во претседателската резиденција во Муката, која е окупирана од израелските сили. Многу Палестинци се сомневаа дека за смртта на Арафат е виновен Израел. Израелската влада тоа секогаш го демантираше и укажуваше на тоа дека Арафат има 75 години и дека не водел многу здрав живот. Сега е прашање - како палестинските автономни власти ќе постапат со сознанијата на научниците.