1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ал Каеда нема шанса во Македонија

Многу се мали шансите Ал Каеда да се инфилтрира посериозно на Балканот. Експертите во Македонија наведуваат дека Ал Каеда не може да вирее, затоа што за такво нешто нема плодно тло меѓу исламската популација.

default

Можно ли е навистина Балканот да стане нова цел на Осама Бин Ладен, како што минатата недела во разговорот со македонскиот премиер Никола Груевски предупреди израелскиот министер за надворешни работи Абигдор Либерман?

Можно е навистина тој да финансира одредени радикални групи и поединци за да го следат, слушаат или ја шират неговата идеја, но тие немаат никакво влијание во средините. Дури, напротив, како што се случаите со познатиот муџахедин Абу Хамза во Босна и Херцеговина, или групата вахабити во Санџак, тие се апсат, затвораат или протеруваат од земјите во кои живеат. Можеби најдобриот демант на ова предупредување на Либерман, што го пренесоа сите агенции од Балканот, го даде американскиот претседател Барак Обама, кој соопшти дека Судан и Сомалија, како држави со слаби демократски капацитети и контролни механизми се двата, во моментов, најпогодни полигони за регрутирање и обука на следбениците на Осама, покрај, се разбира, невралгичните

Terrorcamp in Pakistan

Спорно е дали на Балканот има ќелии на Ал Каеда или на радикални исламисти

точки Ирак, Авганистан, Пакистан, па и африканскиот исламски Магреб, каде мрежите на оваа најпозната терористичка организација веќе имаат пуштено корени. Тоа, секако, не значи дека и таму се оставени или ќе бидат оставени на мира.

Колку Ал Каеда е реална опасност за безбедноста и стабилноста на Македонија?

Релевантните соговорници наведуваат дека опасноста е мала, или поточно - никаква.

Во предновогодишното интервју за Дојче веле министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска истакна дека во моментов не постојат фактори или закани кои можат да ја нарушат политичката стабилност и безбедноста на Македонија. Истото го мислат и познавачите на оваа проблематика, кои Дојче веле ги консултираше.

„Колку што ми е мене познато, ќелии на Ал Каеда во Македонија нема. Спорно е дали има заспани ќелии на Ал Каеда на Балканот, но треба да се направи разлика дали се тоа ќелии на Ал Каеда или на радикални групи. Во овој момент нема ќелија на Ал Каеда која може да биде оперативна“, вели професорот на Американ Колеџот Стево Пендаровски и додава дека ако некоја група и стане оперативна на Балканот, тогаш нивна првенствена цел ќе бидат објекти на двете водечки земји од антитерористичката коалиција - САД и Велика Британија, а тука пред се‘ мисли на нивните амбасади, банки, фирми, па можно е дури и базата Бондстил на Косово.

За него е најбитно да се направи разлика меѓу членовите на Ал Каеда и на следбениците на радикалниот ислам, кои ги има во помал број.

T-Shirts mit Osama bin Laden und George Bush

Најпогодни полигони за регрутација на следбеници на Осама бин Ладен се Судан и Сомалија

„Прв таргет се луѓето кои ја практикуваат чистата форма на ислам.Такви има наназад десетици години во Македонија и ги има десетици, а не илјадници. Меѓутоа, такви луѓе постојат. Тие не смеат однапред да се дефинираат како радикални. Тие може да преферираат радикално учење, но не и радикални акции“, вели Пендаровски

Безбедносните служби имаат контрола на теренот

Истиот став го има и професорот на Полициската академија Марјан Котески, кој вели дека нема опасност од Ал Каеда, бидејќи безбедносните служби ја имаат контролата на теренот и дека се добро координирани.

„Ал Каеда можеби ги регрутира лицата од пониските општествени слоеви, им се дава секаква помош и ние ги нарекуваме чекачи, а може да се регрутираат и од исламистичко-фундаменталистичките средини, но ИВЗ нив добро ги контролира, согласно нивното верско учење“, вели Котески.

За ИВЗ во Македонија, па и исламските заедници во регионот, најголеми проблеми создаваат т.н. вахабити, или верници кои го практикуваат најстариот начин на спроведување на шеријатското право, па затоа честопати доаѓаат во судир со другите верници. За среќа, велат познавачите, се‘ уште ги има во мал број и не се силно поврзани или организирани. Но , нагласуваат, многу се агресивни во спроведувањето на нивното учење на исламот.

Знак на распознавање им се долгите бради и панталоните до потколена, а честопати со нив ги водат и сопругите облечени во црни бурки. И покрај немањето конкретни индиции за присуство на Ал Каеда во регионот, експертите предупредуваат безбедносните служби да останат максимално будни, затоа што само мало невнимание може скапо да чини.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска