1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Алчноста се врати - банкарите работат по старо

Пред околу четири години во САД почна финансиската криза, која имаше реперкусии во цел свет. Одговорноста беше лоцирана и кај банкарите. Дали нешто се смени кај нив во меѓувреме? Не, вели најнова студија.

На Џордан Томас се‘уште му се свежи сеќавањата на протестите на активистите на движењето „Окупирај го Вол стрит“. Од неговото биро на 33. кат неговиот поглед е насочен токму на Вол стрит, њујоршкиот финансиски кварт. Во рацете тој ја има најновата студија на неговата канцеларија Лабатон-Сухаров, која се занимава со моралот и етиката на американскиот банкарски сектор. Билансот е поразувачки.

„Веројатно треба да дојде до уште полошо, за нешто да се промени. Доколку сега ништо не преземеме“.

Канцеларијата анонимно интервјуираше 250 брокери, банкари, менаџери во хеџ-фондови. Заклучокот: постои алчност, моралот е само за слабаци. Речиси 40 проценти од испитаните со помалку од десет години работно искуство во банкараската бранша признале:

„Да, за десет милиони долари за нив е сосем во ред да направат проневера во работата, ако не бидат откриени. Размислувањето дека илегалното работење е во ред, ако човек не биде фатен, тоа е она што е загрижувачко“.

Џордан Томас порано работел како адвокат во надзорот над берзите. Сега тој ги опслужува аналитичарите и истражувачите во финансискиот сектор и го чуди алчноста што ја гледа посебно во очите на младите банкари:

„Јас, како и многумина истомисленици, бевме убедени дека токму кај младите се‘уште постои верба во добро, исправно, дека сакаат да бидат поинакви од своите претходници“.

Лекцијата не е научена

А токму тие претходници во 2008 година ја доведоа американската финансиска индустрија во длабока кал. Дали лекцијата е научена? „Заборавете го тоа“, вели Лин Стоут, професор по стопанско право на универзитетот Корнел.

„Се надевавме дека нешто ќе се промени. Но, финансиската бранша до денес верува дека всушност ништо не треба да се менува“.

Wall Street Wallstreet Protest Demonstration

„Окупирај го Вол стрит“ - протестите беа залудни?

Тоа има катастрофални последици. Повеќе од половината банкари изјавиле дека се уверени во тоа оти нивните конкуренти лажат и мамат. Една третина отворено вели: оној кој не врши проневери и измами, не може ни да биде успешен. А притоа остануваат на сила исплатите на бонуси:

„28 проценти веруваат дека бонусите придонесуваат за измамите и злоупотребите. А тоа е токму спротивното од она што постојано го тврдат банките“.

Банкарите работат само во своја корист?

За Џордан Томас, автор на студијата за алчноста, измамите и претставата која една бранша ја има за себе по кризата, нешто друго е уште повознемирувачко: според анкетата, за многумина банкари на прво место не е интересот на нивните клиенти.

„Без збор, се работи само за алчност. Ако не ги застапуваш муштериите, тогаш кого? Значи, само самиот себе си. Тоа не е она што треба да го прави нашиот финансиски систем“.

А се чини дека токму тоа е случај. Кон тоа се надоврзува фактот што банкарите, кои сакаат да работат чесно, гледаат мала шанса - тие се убедени дека нема да добијат поддршка од шефовите ако пријават малверазации.

Вол стрит пет години по финансиската криза. Очигледно, се‘ тече по старо. Џон Богл, доајен во финансиската бранша, автор на бројни книги за пазарите, веќе не го разбира денешниот свет:

„Порано, имаше работи кои едноставно не се правеа. Точка. За тоа не беше потребен никаков закон. Денеска важи - ако тоа го прават другите, ќе го правам и јас“.