1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Алтернативна Нобелова награда за германска лекарка

Лекарката - гинеколог и основач на келнското здружение „Медика Мондиале“, Моника Хаузер, е добитник на алтернативната Нобелова награда. Здружението веќе 15 години работи со трауматизираните жени од целиот свет.

default

Признание за ангажманот, Моника Хаузер

За фондацијата „Рајт лајвлихуд авард“ една од најтешките задачи е од целата редица предлози да одбере четири личности или организации за алтернативната Нобелова награда. Раководителот Оле фон Уекскил затоа е дотолку порадосен, кога на крајот треба да го извести добитникот. Оваа година повикот стигна до гинекологот Моника Хаузер од Келн: „Ја добив Моника Хаузер преку мобилен телефон, на една конференција. Прво се јавив во нејзиното биро и така го добив бројот на мобилниот телефон. Во бирото сите се интересираа што имам да и‘ кажам, а јас одговорив дека имам прашање за неа. Таа најпрво беше возбудена.“

Грижа за жените во кризните региони

Моника Хаузер има 49 години. Во образложението за наградата стои дека ја добива за „неуморната грижа за жените кои доживеале страшно сексуално насилство во кризните региони и за нејзината борба да им обезбеди општествено признание и отштета.“

„Ние во жирито веќе одамна добивме номинација за областа сексуално насилство против жените во кризните региони, што е еден вид оружје во војната, така да се каже. Во светот има голем ангажман на ова поле, но имавме чувство дека работата на Моника Хаузер е особено силна, зашто како лекар го поврзува медицинскиот аспект со оној другиот - човековите права на овие жени“, вели Оле фон Уекскил.

Frauen in Afghanistan

Соработнички на Медика Мондиале во Авганистан

Хаузер во 1993 година ја основаше организацијата „Медика Мондиале“. Поттик за нејзиниот ангажман беше војната во поранешна Југославија, каде дојде до масовни силувања. На почетокот на 90-те години, таа во Босна основаше центар за психосоцијална и медицинска терапија на жените. Оттогаш работи во многу кризни региони во светот. Слични центри за терапија денес има и во Ирак и во Уганда.

Наградите ќе бидат врачени во декември

Наградата, Моника Хаузер ќе ја прими во декември, заедно со уште тројца добитници. Тоа се американската новинарка, Еми Гудман, која е одликувана за независно новинарство преку нејзината дневна емисија „Демокраси нау“; потоа Аша Хаги од Сомалија, која се залага за мировниот процес во нејзината земја и по цена на личен ризик и Индијката Кришнамал Јаганатан, која заедно со нејзиниот маж и организацијата ЛАФТИ се ангажира за оживотворување на визијата на Ганди - социјална правда и постојан човечки развој, како што стои во образложението.

Паѓа в очи што оваа година нема добитник на награда од областа на екологијата. Но, тоа не значи нов правец на фондацијата „Рајт Лајвлихуд Авардс“, вели Оле фон Уекскил: „Едноставно е така, ова е избор на најдобрите од сите најдобри, имавме чувство дека оние кои сега ги наградивме, работат нешто што заслужува итна поддршка. “

Алтернативната Нобелова награда е дотирана со вкупно 210 илјади евра. Свеченото врачување е на 8. декември во Стокхолм.