1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Али Ахмети ќе лобира за Македонија

Во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од ЕУ на 16. октомври и декемврискиот самит на Унијата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ќе ги посети Брисел, Париз и Хаг.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети ќе продолжи со комбинираните домашни и меѓународни напори за да го поттикне интегративниот процес на Македонија во НАТО и ЕУ. Следните 10 дена, како што информираат од ДИУ, Ахмети ќе ги посети Брисел, Париз и Хаг за да се врати во Бриж уште еднаш на крајот на посетата. Ахмети ќе го придружуваат вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и неговиот шеф на кабинетот, Артан Груби.

По повод посетата на Брисел, Ахмети во Центарот за студирање на европските политики ќе организира тркалезна маса за перспективите на Македонија. Во Брисел Ахмети ќе се сретне со европскиот комесар задолжен за проширување на Унијата, Штефан Филе, директорот за Европа и Азија во надворешната служба на ЕУ Луиз Филипе Фернандез Де Ла Пења, политичките советници на претседателот на Советот на ЕУ, Ван Ромпуј, европратеникот од десните партии Едуард Кукан, европратеникот од левите партии Ричард Хауит, кој истовремено е и известувач за Македонија во Европскиот парламент.

Посетата ќе продолжи во Париз, каде Ахмети ќе ја посети претседателската резиденција во Елисејската палата и ќе има можност да се сретне со советникот за ЕУ и Балкан, Фабиен Пеноне, да му се заблагодари на претседателот Оланд за неговите ставови во врска со спорот за името, како и да ја повика Франција уште поактивно да се вклучи во неговото решавање.

Ахмети ќе ја посети и Холандија, каде ќе се сретне со министерот за надворешни работи Франс Тимерман, а ќе реализира и други средби во Холандија, но и во Франција. На крај, Ахмети ќе се врати во Брисел за да се сретне со заменик генералниот секретар на НАТО, Александар Вершбау, со кого ќе разговара за итната потреба за зачленување на Македонија во НАТО и за потребата за поголема меѓународна ангажираност. Во Брисел, Ахмети ќе се сретне и со новоименуваниот генерален директор за проширување, Кристиан Даниелсон, а ќе приреди ручек за неколку постојани претставници на земјите членки на Европската унија во Брисел.