1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Алијансата за позитивна Македонија не е ничиј приврзок“

Македонската политичка сцена се освежува, но истовремено и згуснува во просторот за маневар на политичките партии, коментираат аналитичари по денешната промоција на Алијансата за позитивна Македонија.

Промовираната иницијатива на новинарот Љупчо Зиков, бизнисменот Минчо Јорданов и екс-премиерот Владо Бучковски до септември треба да прерасне и во политичка партија. Колкаво ќе биде нејзиното влијание и дали ќе успее да се наметне како сериозен политички фактор ќе зависи од случувањата во опозицијата, коментира за Дојче веле аналитичарот Јове Кекеновски:  

„Секако дека е едно освежување на политичката сцена, но мислам дека засега е рано да се зборува за успех или неуспех. Меѓутоа, иако таа се декларира како партија која претендира да биде во центарот, мислам дека ќе се обиде да ги придобие симпатизерите на левицата, незадоволните од СДСМ и неопределените. Но се` ќе зависи од тоа како ќе се реструктуира СДСМ или колку успешно тоа ќе го направи. Од тоа ќе зависи и успехот не само на оваа Алијанса, туку и ГРОМ на Стевчо Јакимовски. Ако нема прогрес во СДСМ, ќе бидат успешни, но и обратно, што во таков случај ќе бидат за една употреба“, смета Кекеновски.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski

Екс-премиерот Владо Бучковски

Според првичните информации, изјавите на некои од главните актери, но и нивната кариера, може да се заклучи дека центарот на политичкиот спектар во Македонија, односно неговиот македонски дел, станува пренаселен, смета универзитетскиот професор Билјана Ванковска:

„Наспроти едната крајност на црно-бел свет и бипартиска структура, сега повеќе помали партии се натпреваруваат во однос на речиси ист дел од електоратот. За независните гласачи ќе биде тешко да ја утврдат идеолошко-политичката матрица на Алијансата (како и на ГРОМ), политичките принципи и воопшто она што е нивна специфика во однос на останатите конкуренти. И Алијансата аспирира кон дел од разочараното членство на големите партии, особено на левицата која е се‘ уште во конфузија, а како главни адути се истакнуваат личностите Бучковски, Зиков во овој случај, иако некои од нив се контроверзни - судскиот процес против Бучковски, кој е во тек. На прв впечаток Македонија ќе добие уште една партија од типот catch-all votes. Кога сакате да угодите и да се приближите до ’остатоци’ и незадоволници од сите страни, го губите јасниот профил, па така понудата е од се‘ по нешто, и задржување на ’општи места’ во програмата“, смета Ванковска.

Претседавачот со иницијативата и веројатен претседател на партијата, Љупчо Зиков, во изјава за Дојче веле соопшти дека во периодот до септември ќе се фокусираат на формирање на најмалку 20 локални општински комитети. Тој не се согласува со коментарите во јавноста дека Алијансата е приврзок на власта и дека судскиот процес против Владо Бучковски, што треба да добие епилог на 1 јули, ќе им штети на имиџот:

„Приоритет во нашето делување ќе биде економијата, односно економскиот раст што го сметаме и како првостепено политичко прашање, а секако дека ќе се фокусираме кон стратегии за решавање и на останатите клучни политички прашања и проблеми во државата. Истовремено ја работиме и програмата, а во септември ќе одржиме основачко собрание и Конгрес. Ние не сме ничиј приврзок и немаме намера да зборуваме за коалиции. Во овој момент сме концентрирани на програмата и идеите и така ќе се однесуваме, а секој кој ќе се најде на патот може да биде наш сојузник. Што се однесува до процесот против Бучковски, не сакам да коментирам ништо, тоа е работа на судот и судските органи треба да ја завршат“, коментира Зиков.

Дали Алијансата за позитивна Македонија ќе функционира самостојно или во коалиција останува отворено. Претседателот на неодамна формираната партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој присуствуваше на промоцијата неколкупати изрази подготвеност за соработка. До него во првиот ред беше и претседателот на Српската напредна странка, Драгиша Милетиќ. Слична иницијатива дојде и од страна на Либералната партија на Ивон Величковски.