1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Алексеј Навални - блогер на обвинителна клупа

Рускиот блогер Алексај Новални е изведен пред суд поради наводен економски криминал. За некои набљудувачи тоа е политички процес. Кој е човекот кој го предизвикува Кремљ?

Иронијата е негово обележје и истата се’уште не ја загубил. „Се рабудив во воз и дознав дека против мене е отворена нова истражна постапка“, објави преку Твитер Алексеј Навални изминатиот четврток. Се мисли на патувањето во Киров, на 900 километри од Москва. Таму еден ден претходно започна процесот против најпознатиот блогер на Русија и опозиционен политичар Нaвални, кој продолжува денеска (24.04).

Навални е обвинет дека во 2009 година го оштетил претпријатието за стопанисување со дрва „Кировлес“ за 400.000 евра. Нему се заканува затворска казна до десет години. Навални ги отфрла обвинувањата и зборува за политички мотивиран процес. Многумина набљудувачи се на исто мислење. „Тоа е политички процес“, изјави Јенс Зигерт, раководител на Московската канцеларија на фондацијата Хајнрих Бел за ДВ.

Водечки критичар на Кремљ

Против Навални во тек се уште најмалку пет други истражни постапки исто така поврзани со наводен стопански криминал. Адвокатот и блогер во Русија во меѓувреме се смета за еден од водечките критичари на Кремљ. Тој беше оној кој владејачката партија Обединета Русија за првпат ја нарече „Партија на измамници и крадци“. Тој исто така стои зад повикот да се документираат изборни измами на претседателските избори во 2011 година, кога Владимир Путин беше реизрбан за претседател. Десетици илјади го следеа апелот.

Висок, русокос, впечатлив - вака американската новинарка Џулија Лоф го опиша опозиционерот Навални. Таа од Москва известува за магазините „Њујоркер“ и „Форин полиси“. За Навални веќе има многу напишано. „Тој е единствениот политичар во денешна Русија со потенцијал“, изјави таа во разговор со ДВ. Навални бил човек „кој доаѓа од средната класа и ги разбира нивните грижи“.

Навални не е класичен политичар по професија. Нема ниту партија која стои зад него. Тој во Москва студираше право и берзански науки. Потоа извесен период мина на познатиот американски универзитет Јеил. Меѓу 2000 и 2007 година Навални се ангажираше во либералната руска партија Јаблоко. Но поради спорни изјави тој беше исклучен.

Навални тогаш самиот се нарече „разумен националист“. До пред неколку години учествуваше во т.н. „руски маршеви“. Нив ги органзираат десните екстремисти, кои подбуцнуваат против мигрантите. Навални подоцна се дистанцираше од овие акции, но рече дека во Русија темата не треба да се табуизира. Американската новинарка Лов учеството на Навални на маршевите го оцени како „циничен маневар“ на организацијата, за да добие поширока подршка кај населението. Јенс Зигерт од германската фондација ја споделува оваа критика: „Мислам дека Навални тука си играше со оган“.

Успешен на интернет

Russische Opposition Proteste gegen Vladimir Putin

Руската опозиција протестира против Владимир Путин

Навални својот подем му го должи на интернетот. Неговиот блог во рускиот „ЛајвЖурнал“ го читаат стотици илјади. Но тој опслужува и други интернет страни, каде обелоденува корупција и интриги на руските државни фирми. Некои пратеници на владејачката партија  Обединета Русија веќе беа принудени да го положат мандатот по обелоденувањата на Навални.

Како нов опозициски водач Навални се наметна пред се’ на демонстрациите за поголема демократија зимата минатата година. Тој организираше протести и повеќепати беше приведен.

Блогер за претседател?

Кратко пред почетокот на судскиот процес во Киров Навални јасно стави до знаење, дека има амбиции за највисоката државна функција. „Сакам да станам претседател и да го сменам животот во земајта“, рече во едно интервју. Навални со тоа само сака да го сврти вниманието кон процесот, сметаат набљудувачите. „Да се осуди претседателски кандидат, е нешто друго отколку еден нормален опозиционер“, вели Зигерт од фондацијата Хајнрих Бел.

Дали Навални би имал шанси на наредните избори во 2018 година навистина да стане претседател на Русија, се’уште неможе да се процени. Според анкетите во моментов само 13 до 19 проценти од Русите би биле подготвени да гласаат за Навални. Доколку биде осуден, патот до Кремљ ќе му остане затворен. Исто така и ако добие условна казна, нема да може да се кандидира.