1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Албанчињата треба од најрана возраст да го учат македонскиот јазик“

Време е и Македонците паралелно да го учат албанскиот јазик. Процесот на интеграција на образовниот процес не води во интегрирано општество на различности. Интервју на министерот за образование Никола Тодоров за ДВ.

default

Никола Тодоров

Паралелно изучување на македонскиот и албанскиот јазик во двете етнички заедници ќе ја зголеми нивната заемна кохезија и ќе врати некои традиционални вредности на почитување, што ќе значи познавање на мајчиниот, но и јазикот на соседот. Ова е реакција на министерот за образование Никола Тодоров, откако Уставниот суд ја укина неговата одлука и не дозволи македонскиот јазик да го изучуваат првооделенците-Албанчиња уште од ова почетокот на годинава.

„Оваа одлука не значи дека некому на сила сакавме да земеме, да скусиме, некое право - со неа сакавме да дадеме уште една можност на взаемност. Но, целиот процес, усогласен со ОБСЕ, се искористи за партиски позицирања и спорења, особено внатре во албанскиот блок. Процесот на интеграција на образовниот процес нема да го напуштиме зашто само тој не води во едно интегрирано општество на различности. Во секој случај, тоа не води во стабилна мултиетничка и мултикултурна Македонија. Изучувањето на македонскиот јазик кај Албанчињата треба да започне во најраната воспитно-образовна фаза“, вели за Дојче Веле министерот за образование Никола Тодоров.

„Време е и ние како Македонци паралено да го изучуваме и познаваме албанскиот јазик, тоа е јазик на нашите комшии. Можеме да се почитуваме едни со други, а тоа е возможно ако си ги почитуваме сопствената култура, јазик и етноидентитет“, оценува министерот Тодоров.

Македонија има дефицит од стручни кадри

Отворен за дијалог и за најделикатни прашања, правник по образование, тој уште додава дека секоја судска одлука ке јапочитува, но во политиката не смеат да преовладаат националните или лични емоции. Тодоров оценува дека Македонија има дефицит од образовани кадри, особено со факултети, „што можат да придонесат да се креираат нови политики кои ќе не извлечат од сегашната стагнација“.

„Не можеме да бараме висок степен на развој со ваква стапка на образование. Мораме сериозно во наредната декада да работиме на образование на населението, зашто ако имаме квалитетно образование и професорски кадри, ќе имаме шанси да се соочиме со стагнацијата. Ако продолжиме со продукција на неквалитетен наставно-професорски кадар, тогаш неизбежно е да дојде до деградација на целокупниот образовен процес“.

Министерот Тодоров одбегнува да потврди дека Владата нема стратегија за продукција на кадри кои му се потребни на стопанството. Пазарот и кавалитетот на дипломците ќе го диктира и ангажирањето на дипломираните, оценува тој во разговорот за Дојче Веле.

Корупција во образованието

На прашањето - колкава е перцепцијата за корупцијата во највиталниот ситем на општеството - образованието, дали е навлезена само во купување на оценки во средните училишта или досегнува и до пазар на дипломи со јасни цени за завршни испити, семинарски, магистратури, па и докторски дисертации, министерот одговара:

„Перцепцијата за корупцијата во образованието, пред се' високото, е голема и распространета. Ме прашуваа зошто еден министер говори за тоа. Со отворањето на антикорупциските канцеларии на универзитетите, со своевидниот пакт со студентите, кои преку електронски пат можат да ги пријават професорите кои примиле мито, значитело поефикасно би можеле да се бориме со девалвацијата на виското образование“.

Тодоров има донесено уредба за која ќе се расправа на седница на Владата. „Бев фрапиран кога видов дека докторските тези на неколку професори, кои титулата ја добиле во странство, имаат исти тези и теми во стекнувањето на докторската титула, па е сосема логично да се посомневаш дека се 'штанцаат‘, наместо да се подготвуваат со научни истражувања и докажувања на тези или хипотези“, вели министерот за образование.

Тодоров оценува дека во Македонија има суфицит од доктори на науки, некритички промовирани титули кои се обезвреднети од носителите на наставните процеси. Според него, идните професори ќе мора да докажуваат дека имаат објавено најмалку 5 свои лични или колективни истражувачки проекти во странски и реномирани научни списанија.

„Не е проблемот во дисперзијата на високото образование, туку дали има добар и обучен наставен кадар и на приватните, и на јавните универзитети. Се' помал број студенти се решаваат за студии од природните, егзактни науки, а се' повеќе се определуваат за правно-економските науки. Но, тоа е светски тренд. Ме загрижува што попуштаат и глобалните критериуми за образование и усовршување на студентите и научните кадри“.

Просечната оцена „3“ добар индикатор за државната матура

Министерот Тодоров во интервјуто за Дојче Веле констатира дека недостигаат повеќе учебници во средното и високото образование, но се надева дека една година по стартот на минатогодишниот владин проект за бесплатни учебници во основното образование, годинава ќе се заменат околу 15-20 насто од доделените, зашто биле уништени или се неупотребливи поради немарниот однос на учениците и родителите кон бесплатните комплети наставни помагала, учебници и тест-тетратки.

Тодоров мисли дека просечната оценка од околу „3“ е добар индикатор за државната матура како завршен испит на зрелоста и комплетноста на познавањата на средношколците, но заклучува дека Министерството за образование нема да биде засегнато од буџетските рестрикции и ребалансот. Тој одрекува дека наставниците нема редовно да ги добиваат своите плати, како реакција на првите поплаки дека во образованието веќе има задоцнувања во исплатите на платите.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска