1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Албанците и со снег го гаснеа пожарот во манастирот

Во гаснењето на синоќешниот пожар во манастирот кај Мала Речица, за кој се смета дека е подметнат, учествувале и локалните жители од албанска националност. Полицијата ја продолжува истрагата.

default

Оштетен дел од манастирот во Мала Речица

Вчеравечер (31.01.2012 год.) околу 19 часот и 30 минути, избувнал пожар во манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец’’ во тетовска Мала Речица, кој нешто подоцна го пријавил граѓанин од Тетово. Тетовската полиција денес соопшти: „Засега непознати сторители покрај sидот од северната страна на објектот запалиле елементи од четири-пет дрвени врати, кои претходно биле тука наредени едни врз други. Од огнот кој брзо пламнал, оштетени се дрвените рамки и стаклата на два прозорци, како и дел од sидот, а забележливо се зачадени и внатрешните sидови и таванот на објектот. Со несебично ангажирање на месното население, а потоа и на тетовските противпожарникари, огнот целосно е изгаснат и спречено е негово натамошно ширење“.

Денеска целиот ден можеше да се почувствува мирисот на палежот покрај ѕидот на северната страна на овој манастир, кој се возобновува од минатата година, откако во 2001- вата година во конфликтот тој беше запален и целосно уништен со иконите и сите црковни предмети.

Brandanschlag auf orthodoxe Kirche in Mala Recica, Mazedonien

Црквата „Свети Ѓорѓија“ во фаза на обнова

„Свети Ѓорѓи“ сега е целосно изграден и годинава треба да се наслика живописот на неговите ѕидови, да се постават икони, а потоа до крајот на оваа година и да се изврши осветување на овој храм. Пред крајот на минатата година, а еве и сега, се случија веќе неколкукратни делумни оштетувања и демолирања на фасадата и градежните елементи на манастирот. Извршителите остануваат и натаму непознати.

Брзо реагирање на месните Албанци

Она што мора да се одбележи при вчерашниот евидентен обид да се подметне пожар од пошироки размери на овој верски објект на МПЦ е брзото реагирање на повеќемина од локалните Албанци, кои со своите куќи живеат во непосредна близина на манастирот.

„Некои од нив, немајќи со што, се обидуваа да го згаснат огнот фрлајќи снег врз него. Еден од Албанците, откако забележа оган, меѓу првите го пријави случајот во тетовската полиција“, ни изјави Будимир Апостолски, член на Иницијативниот одбор за возобновување на овој сакрален објект во обнова.

„Ова не е добро ни за Албанците, ниту за Македонците“

Од свои причини неколкумина од селаните не сакаа да зборуваат, но Дојче веле забележа искажувања и реакции на тројца од мештаните.

Мисим Незири, кој има куќа на само 200 метри од манастирот, ни рече:

„Нормално е дека го осудуваме овој чин, кој не е добар ниту за Македонците, ниту за нас, Албанците“.

Еден од локалните жители од овој етникум, кој, исто така, живее во близина на објектот и кој не сакаше да претстави, со чудење и видна лутина, кажа:

„Како може некој да му прави лошо на манастирот?! Па зарем таквите луѓе не се плашат од Бога, та нели и тие имаат свои семејства?“

Mazedonien Kirchenbau

Шкодран Демири не ги одобрува „игрите на политичарите“

Шкодран Демири во својата изјава беше категоричен:

„Нормално е што моите сонародници вчера реагираа за да го изгаснат огнот. Зошто да се прави така, зошто да се предизвикува штета на овој објект? Сега тој треба да се санира и да биде пак како што беше. Настаните како Струга, Вевчани, па и овој во Мала Речица не се добри и тие не треба да се случуваат. Сметам дека ова се игри, кои ги прават ’поголемите’ политичари, кои ги знаат предивикувачите на пожарите. Страстите треба да се смират, политичарите да си ги работат своите работи и нема да има вакви случувања“.

Денеска со своја реакција се огласи и Иницијативниот одбор за возобновување на манастирот, кој ја искажа својата „згрозеност од обидот за опожарување на објектот, што предизвика вознемиреност меѓу граѓаните на Тетово без оглед на етничка и верска припадност“. Овој одбор побара полицијата да преземе мерки за пронаоѓање на сторителите на вчерашниот чин.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM