1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Албанија продолжува со поддршката за евроатланската интеграција на Македонија

Македонскиот министер за одбрана Талат Џафери денеска во Тирана разговараше со претставници на државниот врв на Албанија кои му изразиле и поддршка за напорите на Македонија за изнаоѓање решение за името.

default

Продолжува цврстата поддршка за Македонија во нејзините напори за членство во евроатлантските институции за каде што ги има исполнето сите критериуми предвидени со актите и на НАТО и на ЕУ. Ова е заедничката порака од државниот врв на Албанија што беше искажана на средбите кои денеска ги имаше министерот за одбрана на Македонија, Талат Џафери во Тирана со претседателот Бујар Нишани, претседателката на Собранието Џозефина Топали, премиерот Сали Бериша и министерот за одбрана Арбен Имами.

По средбата со премиерот Бериша, министерот Џафери истакна дека претставниците на албанскиот државен врв ги поддржуваат напорите на Македонија за изнаоѓање одржливо и прифатливо решение околу прашањето за името што постои со јужниот сосед.

Заедничка е и определбата да се продолжи и соработката во билатералните, регионалните и пошироко проекти меѓу министерствата за одбрана и армиите на двете држави.

„Треба и понатаму со заеднички напори да продолжиме да бидеме дел од настојувањата за изнаоѓање и продуцирање мир и демократија во регионот и во светот таму каде што ние учествуваме“, рече министерот Џафери.

На средбата со министерот за одбрана Имами разговарано е и за изнаоѓање можни решенија за заедничко учество во постмисијата ИСАФ 2014 година. Таквото понатамошно учество во мисиите, се согласиле Џафери и Имами, меѓу другото ќе придонесе за намалување на трошоците за учество во мисиите надвор од нашите држави.