1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Албанија: Загрозено културно наследство

Во времето на комунизмот во Албанија граѓаните не смееја да ја практикуваат верата. Но старите цркви, како многу други историски објекти, беа заштитувани. Денес за заштита на културните богатства не се грижи никој.

Реставраторот Гентијан Стратоберда и свештеникот Јани Ранџа често доаѓаат во малата црквичка, стара 1500 години, скриена длабоко во непроодната планина Шапти. Но она што го затекнаa на почетокот на годината ги вџаши.

Провалници се обиделе со ножеви и секири да ги остранат фреските од ѕидот на капелата Шен Премте. Фреските се дело на Онуфри, еден од најпознатите зографи на 16-от век. Чуварите биле отпуштени уште пред годинаипол поради недостиг на финансии. Реставраторот Гентијан Стратоберда, оценува:

„Ништо од културното богатство не се чува. Во последните 20 години се ограбени безброј цркви. Ова е само еден случај.“

Отец Јани Раџа дополнува:

„Особено е лошо што полицијата сака да ја прикрие работата. Од Тирана се појавија дури по три дена и тоа под притисок од наша страна. Разгледаа и си заминаа. По само две недели повторно беше провалено и беа украдени и уништени други фрески.“

Во лабораторијата на Институтот за заштита на спомениците во Тирана, се прават обиди да се спаси што може да се спаси. Делчињата од уништените фрески повторно се составуваат. Раководителот на иниститутот Аполон Баче демантира дека тие требало уште од почеток да направат повеќе за заштита на спомениците на културата:

„Нема јасна поделба на одговорноста. Кај нас, за жал, има 5 или 6 инстанци кои се надлежни за нешто. Полицијата, црквата, институтот за заштита на споменици, министерството - сите се одговорни и никој не е одговорен.“

Токму тоа ги лути многумина Албанци. Пролетта, една група заштитници на споменици демонстрираше пред Министерството за култура. Тие ги обвинуваат Баче и другите одговорни лица за рамнодушност и корупција. Организаторот на протестите Аурон Таре покажува какви последици има, како што тврди тој, од потфрлањето на државата. Во Драч, на пример, се наоѓа најголемиот римски амфитеатар на Балканот. Тој е изграден во вториот век од новата ера, но градот едноставно издаде дозвола над него да се изградат вили за живеење. Тие сега ја „гмечат“ античката градба, вели тој.

„По крајот на комунизмот почнавме со систематско уништување на нашето културно наследство. Наши најголеми непријатели, за жал, не се крадците и уништувачите, туку токму институциите кои треба да ги заштитуваат спомениците“, нагласува Таре.

Затоа Аурон Таре со помош на волонтери се бори лично против уништувањето - на копно и под вода. Крадците ги ограбуваат дури и археолошките наоѓалишта во Јадранско Море.

Експертите велат дека меѓу оние што најмногу ги влечат конците во ова милје на илегални трговци е десноекстремистичката партија од Грција, Златна зора.

Десните радикали од Грција веројатно не дејствувале во црквата на планината Шапти. Тие би ги уништиле лицата на фреските, за сомнежот да се фрли врз муслиманите, велат експертите. Гентијан Стратоберда полага надежи во новата албанска влада, која вети дека ќе стори повеќе за заштита на спомениците. Тогаш повторно би имала смисла малата плоча на капелата, вели тој. На неа пишува: Споменик под заштита на државата.