1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Аларм: премногу уморни од животот!

Некогаш пооптимистичните граѓани на Македонија денес пливаат во се‘ подлабокото море на депресија. Загрижувачка бројка од нив излезот го бараат во самоубиствата. Лековите против депресија се меѓу најбараните во земјата.

default

Данок на транзицијата?

Лани од јануари до септември во земјата имаше 121 самоубиство, а годинава во истиот деветмесечен период 117. Нереализирани обиди за посегање по сопствениот живот во последнава деценија напати има и по две илјади до три илјади годишно.

Нелко Стојаноски, професор по социологија на општествените девијации и експерт за проблематиката на самоубиствата, смета:

„Во 70-тите години од минатиот век во Македонија се самоубиваа просечно по 60-тина лица годишно.Последниве десетина години таа бројка се движи од 150 до 180 лица годишно. Тоа треба да побуди аларм да се согледа што се случува.“

„Неопходна е широка јавна кампања против депресијата“

Медиумите во земјата годинава ги пренесоа информациите од Фондот за здравство дека се издаваат најмалку еден милион рецепти годишно за лекови против депресија. Антидепресивите и антибиотиците се втори на листата на медикаменти, според потрошувачката. Овој тренд е присутен веќе четири до пет години.

Symbolbild Tablettenmissbrauch Selbstmord

Универзитетскиот професор по психијатрија Антони Новотни објаснува дека 60 отсто од самоубиствата се кај лица, кои страдале од депресија. „Оваа бројка е застрашувачка и не смее да се потцени“, истакнува Новотни и апелира јавно:

„Мораме да поведеме поширока јавна кампања против депресијата, што ќе значи демистификација, односно, дестигматизација на сите оние луѓе, кои запаѓаат во депресивни состојби. Треба да ги отвориме вратите на службите за ментално здравје, пред се‘, па и на другите институции, кои можат да бидат од помош овие луѓе таквото свое тешко бреме да го споделат со други. Треба да дејствуваме барем превентивно.“

Гостиварско е еден од регионите, во кои се бележи пораст на црната статистика. Портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифовски посочува:

„Заклучно со 16-ти ноември годинава во Гостивар и Гостиварско се регистрирани 3 самоубиства. Пријавени се и 41 обиди за самоубиства. Дури 27 лица од нив се на возраст од 18 до 30 години.“

Младите-најранлива категорија

Што е тоа што им навлекува мрак пред очите особено на тинејџерите и младите, кои што би требало многу повеќе да ги одликува оптимизам и енергија за решавање на проблемите?

Професорот Стојановски вака одговара на ова прашање:

„Повеќето општества во транзиција се во состојба на ’аномија’, непостоење норми: старите норми се надживеани, а новите не се воспоставени. Сите овие проблеми во општествениот живот им се натоварени на плеќите на младите луѓе. Тие се наоѓаат честопати во состојба на безизлез, па мислат дека е најдобро самите да му стават крај на својот, наводно, ’безвреден живот'.“

Frau hat Stress rauft sich die Haare Person

Булент Карахасан, младински психолог во Центарот за социјални работи во Гостивар, се надоврзува:

„Младиот човек не го прифаќа изборот на традиционалните норми, туку има пред себе избор на некои нови вредности. Од друга страна, тој се соочува со тешкотии при приспособувањето кон тие нови вредности. Не сме го отфрлиле стариот систем на вредности и не сме го прифатиле на вистински начин новиот модерен систем на вредности: во тој вакуум, во тој јаз, се јавува проблематиката на самоубиствата.“

Професорот Новотни во овој контекст истакнува:

„Во ова време на транзиција, на губење на вредносните системи воопшто, особено младата популација се наоѓа во некаква 'аномија' и во некаков период на загубеност, при што не знае ниту што ќе стори со себе и со својот живот.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM