1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Алармантно паѓање на наталитетот во Македонија

Опаѓањето на наталитетот во послените години е значително изразен. Што го предизвикува бранот на демографско стареење? Колку невработеноста и нискиот стандард прават состојбата да стане алармантна?

default

Стапувањето во брак не мора секогаш да биде причина за да се создаде семејство. Ирена Јорданова и Георѓи Хаџи-Манев се родители на двегодишно дете, иако формално не се во брак. Георѓи е инженер, редовно вработен во ЕВН, а Ирена е писател – преведувач. Во Македонија родителската грижа за децата не оди лесно, велат тие:    

„Мислам дека и со две фиксни плати, кои се многу мали во нашата држава, храбар чекор е да се има дете. Тешко се поминува месецот, бидејќи повеќето од младите се одлучуваат самостојно да живеат, а ретко во заедница. Самите треба да се грижат за сметките кои се превисоки, кои се по европски стандарди, а платите не се европски. Храната исто така е скапа и е подеднакво исто дали ќе купите храна во супермаркет во Скопје или Париз. Одговорот е едноставен - мадите луѓе со дете многу тешко го поминуваат месецот“, вели Ирена Јорданова.

Се одложува создавањето семејство

Младите двојки денес одложуваат да стапат во брак или доколку се одлучат да создадат семејство тоа го прават по 26-27-та година. Таков е и случајот на Ирена и Георѓи. Тие велат, доколку сте на факултет невозможно е да имате дете, бидејќи нашиот образовен систем не дозволува истовремено работа и студии. Помош од државните институции скоро и да нема, а девет месеци за породилно отсуство е краток период:

„Во моментов не планираме да го зголемиме бројот на членови во нашето семејство, бидејќи сметаме дека кога човек ќе добие дете треба да размислува и на поголеми работи. Треба да се реши станбеното прашање, треба да се обезбеди одреден фонд којшто на детето во иднина ќе му овозможи студии или тие пари ќе ги користи за сопствена интелектуална или каква и да е друга надградба“.

Deutschland Symbolbild Elternzeit Elterngeld drei Babys

Во Македонија и богатите семејства или брачни двојки кои имаат доволно приходи не се одлучуваат да имаат повеќе од две деца

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородени деца постојано опаѓа, додека бројот на умрените се зголемува. Во првото тримесечје од 2012 година бројот на живородени деца е намален за 5,8 проценти во однос на истиот период од претходната година. Бројот на умрените во истиот период бележи зголемување од 9,2 отсто. 

Професорот по демографија Славе Ристески, објаснува дека раѓањето во Македонија почнува да опаѓа дури од 1948 година:

„Со последниот попис од 2002 г. и од последните проценки, наталитетот се спушти на 11 промили, што значи дека на илјада жители се раѓаат само 11 живородени деца и речиси за 4 пати е опаднат наталитетот од 1948 година. Причините се многубројни. И не се само економските, туку и социјални и психолошки. Во основа се смета дека наталитетот се доближува до една граница која се смета за алармантна.“

Прифатен примерот на развиените земји

Професор Ристески забвележува дека во Македонија и богатите семејства или брачни двојки кои имаат доволно приходи за своето семејство не се одлучуваат да имаат повеќе од две деца.

„Тоа покажува дека имаме модел, кој не овозможува проста репродукција. За да една популација направи проширена репродукција треба жената во својот фертилен период да роди над 2,1 деца. Во Македонија стапката на фертилитет изнесува 1,56, а тоа значи дека македонската жена нема ни две деца. Тоа е алармантно, не се обавува процес на проста репродукција, а од друга страна населението во Македонија е зафатено од силен бран на демографско стареење.

Демографски траги

Со бранот на демографско стареење најмногу е погоден пелагонискиот регион, во кој спаѓаат Битола и Ресен, односно емиграционите зони кадешто населението остварило трајни миграции во прекуокеанските земји, вели професорот Ристески:

Symbolbild schwangere Frau eine Schwangere Baby Babybauch PID Schwangerschaft

Во Македонија стапката на фертилитет изнесува 1,56

„Селото кое му даваше свежина и го хранеше градот е испразнето. Од 1948 година до сега, над 700 илјади лица во Македонија се преселени од село во град. Тоа значи дека се оставени демографски траги. Во селата остануваат стари луѓе и не може да се остварува процес на репродукција. Репродукцијата се остварува со младите брачни двојки. Некаде над 400-500 села во Македонија се останати со по двајца до тројца жители.“

Професор Ристески вели дека за подобрување на состојбата теба да се преземат повеќе мерки и активности, како продолжување на породилното отсуство на жената, покривање на трошоците за градинките и во процесот на образованието и.т.н.