Алармантни димензии на остеопорозата во Македонија | Македонија | DW | 18.03.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Алармантни димензии на остеопорозата во Македонија

Остеопорозата се’ повеќе му се заканува на населението во Македонија . Оваа болест во се’ поголема мера го оптоварува и здравствениот систем на државата.

default

Рентгенска слика на зглог зафатен од остеопороза

 Според дијагностичките наоди и проценки на републичкото здружение за остеопороза, во земјата е можно да има дури 120 илјади лица, кои страдаат од намалена густина на коските, од кои повеќе од 90 илјади се жени. Според публикацијата „Остеопорозата – тивка епидемија на современата жена“ на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ, секоја втора жена и секој осми маж постари од 50 години имаат ризик да развијат остеопороза, при што во земјата има 300 илјади жени на возраст над 50 години.

Ова заболување на организмот, како последица на нарушувањата на метаболизмот, предизвикува намалување на густината и квалитетот на коските и доведува до слабост на скелетот и зголемени ризици за скршеници, особено на пршлените, колкот и подлактиците. Експертите укажуваат дека остеопорозата, како причина за инвалидност и смртност, е на четврто место во светот, веднаш по кардиоваскуларните и малигните болести и дијабетесот.  Во Македонија таа задобива алармантни димензии и се претвора во тежок јавно – здравствен проблем.  Во Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања во Клиничкиот центар во Скопје со апаратот за дензитометрија, односно, за мерење на густината на коските, во изминативе пет години се направени околу 14 илјади прегледи.

03.11.2010 DW-TV Fit und Gesund osteoporose

Остепорозата предизвикува намалување на густината и квалитетот на коските

Професорката д-р Снежана Марковиќ-Темелкова, претседателка на споменатото здружение, вели:

„Кај 49 отсто од прегледаните пациентки е утврдена остеопороза – ниска густина на коскевата структура и кршливост на коските. Тоа е бројка, која што не е за запоставување.“

„Силно оптоварување на здравствениот денар“

Во тетовскиот регион живеат околу 200 илјади луѓе. Д-р Мирослав Кошовски, специјалист по ортопедија и началник на Одделот за ортопедија на Клиничкиот центар во Тетово, напоменува:

„Половина од популацијата во регионот се жени и проценките говорат дека една третина од нив или веќе имаат остепороза, или ќе ја задобијат. Остеопорозата не е само медицински проблем. Таа е и семеен и социјален проблем и силно го оптоварува здравствениот денар, затоа што последиците од неа навистина катастрофални. Навремено превенирање на последиците од остеопорозата навистина значи многу во нормалното функционирање на семејството и за здравствениот систем во земјата: многу помалку скршеници, многу повеќе здравје на населението и многу помало одвојување на здравствениот денар во однос на последиците од неа.“

Miroslav Koshovski Orthopäde Tetovo Mazedonien

Д-р Мирослав Кошовски началник на Одделот за ортопедија на Клиничкиот центар во Тетово

„Ќе ја добиеме битката – само треба време“

Во јавното и приватното здравство сега има 15 центри со апарати за дензитометрија и состојбата со остеопорозата, се чини, се става меѓу поважните приоритети на здравствениот систем.

Професорката Марковиќ-Темелкова околу ова нагласува:

„Значајни се купените дензитометри во рамки на набавките на Владата за јавното здравство. Започната е постапката со измените во законот за здравствена заштита да се воведе задолжителен преглед на жените постари од 65 години, но и на помладите, исто така, изложени на ризици за остеопороза и остеопоротични скршеници. Нашето здружение има изготвено предлог – декларација со барање за ваквите прегледи и сето тоа е веќе на ниво на Владата и пред соодветните комисии во Парламентот. Верувам дека ќе наидеме на поддршка кај ’женското гласачко тело’ во законодавниот дом. Ќе ја добиеме битката против остеопорозата, само треба време за тоа.“

Gymnastik für Osteoporose-Patientinnen

Гимнастика за пациенти соостеопороза

Таа дополнува:

„Ако се направи преглед и се дијагностицира болеста, се препишуваат одредена група лекови, од кои најмногу се користат бифосфонатите. Тие се ставени на позитивната листа на медикаменти на товар на државата, со многу симболични цени. Благодарејќи на усилбите на фондот за здравство и на Министерството за здравство ние ги имаме сите лекови, кои постојат во светот, и сите тие се издаваат по симболични цени. Според одлуката на докторите било кој од нив може да им се даде на пациентите.“

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во РМ од крајот на минатата година преку програмата „Цивика мобилитас“ ја започна својата кампања за превенција од остеопороза под мотото „Не дозволувајте вашите коски да стареат побргу од вас – кажи и ’стоп“ на остеопорозата сега“, со цел да ја разбуди свеста кај граѓаните, особено кај најризичниот и најпогодениот дел од населението. Експертите заклучуваат дека оваа и сите други кампањи за превенција ќе ја постигнат целта тогаш кога конечно ќе преовладее свеста дека треба да се лекуваат причините за остеопороза, а не скршениците на коските, како последици од неа.

Автор: Свето Тоевски

Редактор:Симе Недевски