1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Акциите на Фејсбук паѓаат и паѓаат

Излегувањето на Фејсбук на берзата е едно од најлошите во американската финансиска историја на изминатите години-големиот пад на вредноста на акциите на социјалната мрежа ги шокира вложувачите.

Падот на курсот на акциите на Фејсбук продолжува трет ден по ред. Неколку денови откако најголемата светска социјална мрежа Фејсбук излезе на берзата, во Њујорк курсот на акциите падна за натамошни 8,55 проценти, односно загуби 2,91 долари и сега вредноста на една акција на Фејсбук изнесува 31,12 долари (24,44 евра). Во споредба со почетниот курс од 38 долари минатиот четврток, тоа е загуба од цели 18 проценти.

Меѓу инвеститорите се’ погласно се поставува прашањето - која е вистинската вредност на Фејсбук? Реномираниот „Вол стрит журнал“ информираше дека ниту едно друго излегување на берзата, тешко милијарди, од 2007. година наваму, не поминало толку лошо.

Минатиот петок (18.05) берзанската вредност на претпријатието изнесуваше 104 милијарди долари, во вторникот (22.05) Фејсбук вредеше околу 85 милијарди. За споредба, интернет пребарувачот Гугл е вреден речиси 200 милијарди евра.

Обвинувања за Морган Стенли

Nasdaq Börse New York

Техничка грешка и на берзата!

Излегувањето на Фејсбук на берзата го организираше инвестмент банката Морган Стенли. Сега таа се наоѓа на удар. Банкарите направија погрешна проценка за побарувачката и на пазарот понудија голем број хартии од вредност, гласи главната критика.

Кон неа се надополнува уште една. Според информации на „Вол стрит журнал“, аналитичарите на Морган Стенли и на банката Голдман Сакс, која исто така учествува во овој процес, една недела пред излегувањето на акциите на Фејсбук на берзата се произнесле критички за идното тргување. Наспроти ова, Морган Стенли тврди дека тие се придржувале до сите прописи. Кај Фејсбук се применети вообичаените процеси како кај сите други фирми кои излегуваат на берзата.

Постојат информации и за уште еден проблем: инвеститорите и брокерите изминатиот петок, кога Фејсбук се појави на берзата, со часови немале информации за состојбата на нивните куповни и продажни трансакции. Берзанскиот надзор на САД во меѓувреме отвори истрага за овој случај. Инвеститорите за агенцијата Ројтерс информирале дека пречките придонесле интересот за акциите да биде помал од очекуваното.

Инвеститор од американската сојузна држава Мериленд поднесе тужба до берзата поради небрежност. Филип Голдберг пред судот во Менхетн поднесе збирна тужба во името на сите инвеститори, кои поради технички потешкотии на 18. мај претрпеле финансиски штети. На Вол стрит Несдак призна дека биле направени грешки.