1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Лицата на Германија

Акушерката Дорис Берендс од Бад Залцунген

Отсекогаш сонувала да стане акушерка. Дорис Берендс повеќе од 30 години им помага на децата да дојдат на свет. Иако била сведок на илјадници раѓања, секој нов живот за нејзе е како чудо.

default

Бад Залцунген е идилично мало место во покраината Тирингија, со околу 16.000 жители. Овде, во градската клиника, како акушерка, од 1974 година работи Дорис Берендс. Здодевно не и‘ е никогаш. Енергичната жена неуморно учи нови нешта - ароматерапија, хомеопатија, акупунктура. Двапати годишно 59-годишната жена одвојува време за курсеви за дообразување.

По завршувањето на смената во клиниката, таа оди во домашни посети, држи курсеви за подготвување на породувањето и постпородилна гимнастика. Пред неколку години во нејзиниот дом подготвила една просторија за настава. Во тоа и‘ помогнал нејзиниот сопруг, кој е искусен занаетчија.

Љубовта кон професијата за Дорис Берендс е најголемата мотивација. „Чувствувам дека на жените им е потребна мојата поддршка и дека ми се благодарни поради тоа. Затоа сум свесна дека мојот работен ден понекогаш не трае само осум, туку и дванаесет часа“, објаснува акушерката.

„Моите деца ми се неверојатно важни“

Работниот ден може да трае колку што сака, но за семејство Дорис Берендс секогаш наоѓа време. Таа е среќна што нејзините деца се‘ уште живеат во Бад Залцунген. Многу млади луѓе го напуштиле градот во

Gesichter Deutschlands Fragebogen DoBe

Постои и рутина, но сепак, во породилната сала има и чувства

потрага по работа. „Моите деца ми се неверојатно важни. Сакам секогаш да се покрај мене. Не минува ниту еден ден да не се видиме. Кога имаме можност, заедно подготвуваме појадок, пиеме кафе или вечераме.“

Слогата во семејството на мајката на четири деца секогаш одново и‘ дава сила да се обиде да направи нешто ново. Така било и пред 20 години, по паѓањето на Берлинскиот ѕид, кога се плашела дека ќе го загуби работното место. По обединувањето, во Источна Германија ретко кој се охрабруваше да роди дете: наталитетот опадна за две третини.

Нови шанси по пресвртот

Наскоро Дорис Берендс добила повеќе работа отколку додека живеела во Германската Демократска Република (ДДР). Општествените промени донесоа многу нови можности и за акушерките.

Gesichter Deutschlands Porträt DoBeP1

Свесна сум дека мојот работен ден понекогаш не трае осум, туку дванаесет часа, вели Дорис

„Дојде до промена на мислењето, мажите почнаа да изјавуваат желба да влезат во породилната сала, имаше можност за породување на породилен бокс или стол. Беа воведени и породувања во вода. Сите овие новитети моравме прво да ги научиме. За учење ние, акушерките, бевме многу отворени. Посетивме неверојатно многу курсеви“, се сеќава Дорис Берендс.

Речиси истовремено со политичкиот пресврт во земјата и во семејниот живот на Дорис Берендс се случува нов почеток: таа се мажи по вторпат. Овој пат се мажи за еден т.н. „веси“, што значи маж од Западна Германија. Од овој брак потекнува нејзиното четврто дете, ќерката Франциска. Со тоа многу му се приближила на нејзиниот сон да има пет деца.

50-годишната акушерка денес има пет внучиња. „Би било убаво кога би имала уште пет други“, се надева Дорис, за која децата се голема радост.

Акушерка: повеќе од професија

На колку бебиња им помогнала во породилната сала да дојдат на свет?

„Илјада беа уште пред 30 години“, се сеќава Дорис. Тогаш престанала да брои. И покрај работното искуство, за неа и денес секое раѓање е нешто посебно. „Тоа не може да се нарече работа. Тоа е секогаш одново е прекрасно искуство. И чудото, кога бебето е тука, дека на него има се‘, дека функционира... Тие ги отвораат очињата, чувствуваат, почнуваат да мласкаат, почнуваат да бараат... Секако дека притоа постои и рутина, но, сепак, има и чувства“, вели акушерката.

Дорис Берендс е силна жена, но во породилната сала понекогаш пролева по некоја солза.

Автор: Ојген Тајзе / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

WWW-линкови