1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

АКП пред Уставниот суд

Турската владејачка партија во Уставниот суд ја презентира својата одбрана во процесот во којшто се бара нејзина забрана. Во меѓувреме тензиите во земјата растат по бранот апсења на критичари на владејачката партија.

default

Реџеп Таип Ердоан - партијата на премиерот пред Уставниот суд

Одбраната на партијата пред судот ја презентираат заменик вицепремиерот Чемил Чичек и заменик претседателот на парламентарната група на партијата, Бекир Боздаг. Двајцата адвокати не дадоа изјави пред влегувањето во судската зграда. Според најавите, меѓу главните аргументи за одбрана од обвинувањата дека сакаат земјата да ја претворат во исламска држава, е дека за време нивното владеење Турција се приближила до ЕУ. „Ние никогаш немавме тајна агенда. Задржувањето на унитарна, секуларна и демократска држава е нашата примарна мисија. Нема оправдана причина партијата да ни биде забранета“, стои и во неодамна објавеното писмено соопштение од партијата.

Пред два дена главниот обвинител на Касациониот суд Абдурахман Јалчанкаја го изложи обвинието против владеачката партија - се бара нејзино затворање бидејќи го урива секуларниот систем на државата и сака воведување на исламското шеријатско право. Судот одлуката најверојатно ќе ја донесе кон крајот на месецот.

Бранот апсења предизвика тензии во Турција

Но, тензиите во земјата пораснаа откако, случајно или не, паралелно со почнувањето на процесот против АКП, следеше бран апсења. Најпоставуваното прашање во Турција деновиве е кој и што стои зад апсењата на десно-ориентираните владини критичари? Зад решетки се најдоа дваесетина лица. Обвинети се дека планирале пуч.

Обвинетите, меѓу кои има и четворица поранешни генерали и еден новинар, се тврди дека се членови на ултранационалистичка мрежа, која го носи името на митската турска прататковина Ергекон. Таа се води како одговорна за убиството на еден италијански свештеник и ерменскиот новинар Хрант Динг. Властите најавија дека наскоро ќе презентираат и докази за овие до сега непоткрепени тврдења.

Армискиот врв молчи

Опозицијата, пак, зборува за методи кои ги употребувале диктатори како Хитлер или Сталин, бидејќи дел од уапсените се проминетни личности кои јавно ја критикуваат владата. Армискиот врв, за кој се претпоставува дека стои зад барањето за забрана, се уште молчи.

Само по шпекулациите во медиумите, дека Генералштабот бил претходно информиран за апсењата на високи бивши генерали, се јави заменик армискиот генерал, Илкер Басбуг. Демантираше дека ова било тема на неговата средба со премиерот на 24 јуни, и додаде дека апсењата се неосновани. „Оние коишто се занимаваат со теории на завера мора да се запрашаат да не сакаат само да им наштетат на турските безбедносни сили“, изјави Басбург и додаде „сите сме приморани да задржиме студена глава и да се однесуваме одговорно“. Ваквите изјави експертите ги толкуваат дека наскоро може да му дојде крај на трпението на армијата.