1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ако продлжи ваквиот тренд, Скопје ќе стане Бејрут

Проектот „Скопје 2014“ ќе ја зацврсти поделеноста на градот на лева и десна страна и ќе доведе до „либанизација“ на главниот град, предупредува социологот Илија Ацевски. Како да се избегне ваквото сценарио?

default

„Поделбата на градот е формирана, сега ќе се финализира“

1. Професоре Ацевски како би го опишале Скопје во една куса социолошка анализа?

Нема сомнение дека Скопје е една сложена урбана средина, во која проблемите доаѓаат до израз особено во последниве години, а главно се поврзани со фактот дека Скопје е поделен град на лева и десна страна. Ова што се случува денес е практично кулминација на тој истириски развој на градот во последниве 50 години. Прво поделбата кулминира со изразита етничка сегрегација во однос на припадноста на албанското и македонското население, која сега му дава особен белег на градот. Проектот Скопје 2014 е само еден сегмент од тој процес. Секогаш планот за изградба на градот бил во една политичка функција.

Proekt Skopje 2014

Ацевски: Нема да помогне ни подигањето споменици на другите етнички групи

2. Дали проектот 2014 ќе ја стимулира дополнително таа историска поделеност на градот на лев и десен брег од реката Вардар?

Проектот ќе ја зацврсти поделбата, доколку не се инсистира во дел од тие објекти да се реализираат и споменици на другите етнички групи. Но, тоа нема во голема мера да влијае, поделбата е веќе формирана, сега само ќе се финализира. Се формира еден ѕид, преграда која тешко може да се надмине.

3. Како автор на делото “Скопје меѓу визијата и реалноста“ можете ли да предвидите каков град ќе биде Скопје по 20 години?

Истражувањата во книгата се направени пред 20 години. Таму е предвидено дека ако продолжи градот да се развива како во деведесетите години, Скопје брзо ќе се соочи со проблемите на поделениот град. Ако вака продолжи да се развива како што се развива денес, тие настани ќе добијат на динамика, се` дури не се повлечат линиите во просторот. Тоа значи целосна поделеност во просторот. Секој си е на својот дел. Групите живеат едни покрај други, се допираат, но немаат скоро ништо заедничко. Доаѓаме до она што се нарекува либанизација. Бејрут, поделен град во кој нема судири. За Скопје ова е црна прогноза, која ќе се оствари ако не се најдат заеднички содржини, каде што луѓето нема механички да се судираат, туку ќе соработуваат и ќе градат заедничка иднина.

4. Од што зависи дали Скопје ќе стане поделен град? Од политичките водства или од историските релации меѓу Македонците и Албанците?

Во овој момент многу зависи од мудроста, стратегијата и политичката волја од елитите кои се на власт. Од нивното разбирање на урбаниот простор. Бидејќи просторот е еден а интересите, културите, религиите се различни. На еден простор овие различности да се доведат во хармонија. Ако не соработуваат, барем да не се судираат.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Трајче Тосев