1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ако општеството дава повод, младите наоѓаат причина за насилство

Новиот инцидент во селото Стајковци, во кој има повредени деца, повторно ја отвора темата-насилство меѓу младите. Проблемите со кои се соочуваат младите се рефлексија на општествените проблеми во РМ, сметаат социолозите.

Осум деца вчеравечер беа повредени во автобусот број 65 во близина на селото Стајковци. Инцидентот се случил кога 10-тина момчиња, претежно малолетни, влегле во автобусот и со метални и дрвени шипки ги нападнале патниците. Дел од повредените во инцидентот биле пренесени во Градската болница во Скопје, а дел во Ургентниот центар. Во знак на револт, роднини на повредените, како и месното население од Стајковци и околните села, доцна синоќа (14.11), два часа го блокираа патот од населбата Ченто кон Стајковци. Полицијата го истражува случајот.

Има ли Македонија млади бунтовници со причина?

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, заклучно со септември годинава во земјата се регистрирани 109 инциденти во средни и основни училишта во кои се повредени 101 ученик, од кои тројца потешко. Во една од пресметките биле користени палки, ладно оружје, па дури и пиштол. Полицијата досега поднесла кривични пријави против 21 малолетник и прекршочни против 119 ученици. Истражувањето на невладината организација „Цивил“ за распространетоста на култот кон оружјето кај младите од 16 до 22-години, покажало дека дури 38 проценти од нив имале најмалку еден физички контакт со огнено оружје.

За што точно „војуваат“ младите во Македонија? Според ресорски анализи, причините се различни - од кавги за девојка, за место во кафуле или во автобус, за спортски резултат, кој е поголем „фраер“ во училиштето, па се до мерење на мускулите за политички теми.

Ivo Kotevski Sprecher Innenministerium Mazedonien

Не треба да се генерализира дека насилствата се меѓуетнички, вели Котевски

Помошникот министер за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски, вели дека многу често на насилствата погрешно им се припишува меѓуетнички карактер.

„Има инциденти во кои учесниците се од различна етничка заедница, но поводот за инцидентот воопшто не е меѓуетнички. Неодамна имаше физичка пресметка меѓу средношколци од две училишта. И двете групи беа од мешан етнички состав, што значи дека инцидентот не беше меѓу ученици од два етникума, туку ривалство меѓу две училишта. Затоа, не треба да се генерализира дека насилствата се меѓуетнички. Таквите случаи се најретки“, вели Котевски.

Во Скопје охрабрувачки резултати

За унапредувањето на безбедноста во средните училишта кои се во надлежност на Град Скопје, досега се спроведени повеќе активности: засилено физичко обезбедување на училиштата со професионални агенции за обезбедување, зголемување на психосоцијалната помош на училишната заедница преку реализација на програми кои промовираат позитивни вредности и набавка на видео-опрема за поголема контрола на училишните објекти. Со финансиска поддршка на Градот е спроведено истражување за застапеноста на насилното однесување во средните училишта и реализиран акциски проект „Нулта толеранција за насилството во средните училишта“. Од Градот велат дека овие активности даваат резултати. Според податоците од СВР Скопје, од 468 случаи на насилство меѓу млади од 14 до 16 години, колку што биле регистрирани во 2009 година, (360 во 2010, 400 во 2011, 252 во 2012) бројот се намалил на 83 случаи заклучно со јуни 2013. Кај средношколците од 16 до 18 години, од 720 случаи на насилство во 2009 година, (682 во 2010, 536 во 2011 и 311 во 2012 година), заклучно со јуни годинава биле регистрирани 146 такви случаи. Бројките се охрабрувачки, а за нулта-толеранција на инцидентите е иницирана и „Стратегија за намалување на насилството во училиштата 2012-2015“, која има цел да спречи секаков вид насилство, развивајќи стимулативна училишна клима и соживот меѓу учениците.

Gegen Gewalt an Schulen

Во тек е реализација на стратегија за намалување на насилството во училиштата 2012-2015

Во тек е имплементација на проектот „Безбедни училишта-хармонична средина“, која Министерството за образование и наука (МОН) ја спроведува во соработка со ОБСЕ и МВР, како дел од националната кампања во училиштата „Заедно против насилството“.
„Од 2012 година започна реализација на проектот ’Советување на родители-родителска школа’, со цел да се советуваат родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех или манифестираат несоодветно однесување, како и советување на ученици по овие основи, вклучувајќи го и насилното однесување“, вели Давор Политов, портпарол во МОН.

Изгубени во транзицијата

Општествена акција има, но не се знае дали и колку родителите им посветуваат внимание на своите деца, во време кога и голем дел од нив не можат да се справат со предизвиците на егзистенцијалните прашања. Општата состојба во општеството, фрагментацијата, тензиите и отсуството на политичка и граѓанска култура, водат кон ерозија на цивилизациските вредности, оценува Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“.

„Ова се изгубени генерации, изгубени во валканата транзиција во која младите веруваат во моќта на парите и политичките центри на моќ без скрупули и етика. Оттаму, нивниот немир и потрага по себенаоѓање често се трансформира во деструктивна енергија, нетрпеливост и насилство“, вели Дерала.

Gegen Gewalt an Schulen

Средношколци од Скопје, кои два пати учествувале во физички пресметки со други ученици, тврдат дека биле испровоцирани од социјалните разлики.

„Ученик постојано ме исмејуваше дека имам прастар модел на мобилен телефон. Тој го имаше најскапиот. Потоа дека носам демодирани фармерки. Тоа го правеше постојано и пред сите. Еден ден ми пукна филмот. Од се‘. И од него, и од тоа што мајка ми е невработена, и од тоа што татко ми работи во смени за бедна плата. Тоа е секунда во која не размислуваш. Едноставно добиваш мотив да му удриш тупаница“, вели 16-годишниот М.Р., кој во пресметката добил „логистичка помош“ од тројца соученици.

Вклучување на социолозите

Проблемите со кои се соочуваат младите се рефлексија на општествените проблеми во Македонија воопшто, вели Константин Миновски, вонреден професор на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет на УКИМ.

„Периодот на транзиција, проследен со економска и социјална криза, придонесе за влошување на стандардот, зголемување на невработеноста, социјална несигурност, а најсилно се рефлектираше врз положбата на младите. Од друга страна, политиката влезе во секоја пора во општественото живеење, на еден вулгарен начин. Образецот за лична и општествена промоција нужно се прекршува преку политичката призма. Немањето решение за проблемите на младите, но и нивното игнорирање, предизвикува револт кај нив. Тој револт различно се искажува, а понекогаш и со насилство, но не кај сите групи млади. Но морам, да истакнам дека резултатите од анализите од поранешни истражувања на младата популација, генерално не покажуваат склоност кон насилно однесување“, вели Миновски.

Schule Niko Nestor

Немањето решение за проблемите на младите, но и нивното игнорирање, предизвикува револт кај нив, оценува Миновски

Според него, местата каде најмногу се манифестира насилното однесување се спортските натпревари. Навидум нивното однесување може да се објасни како однесување на „толпа“, но тоа би било површно ако не се согледаат подлабоко односите на водечкото јадро со клупските управи, со политичките партии и.т.н., што може да даде покомплексна слика за објаснувањето на нивното однесување.

„Во средните училишта каде што составот на учениците е етнички различен, но и во етнички мешаните средини, вообичаено конфликтите помеѓу учениците се гледаат низ призмата на етничките односи, дури и кога причината за тоа е нешто друго. Затоа е многу значајно како се пристапува во детектирањето на проблемите за да може да се изнајде соодветно решение, кое не може да биде од универзален карактер. Затоа, евидентна е потребата од поголемо вклучување на социолозите како стручни соработници во тимовите во основните и средните училишта. Министерот за образование најави вработување на околу 300 психолози и педагози, но училиштата и досега имаа од овие кадри. Она што недостига е токму социолошката димензија во функционирањето на овие тимови“, вели Миновски, кој е и претседател на Здружението на социолози на РМ.