1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Ако објавиш на Фејсбук, знае и НСА

Милиони луѓе доброволно даваат информации за себе на социјалните мрежи. Во скандалот со американското следење на комуникацииите стана јасно: социјалните мрежи одиграа голема улога.

Размерите на масовното прибирање информации од Агенцијата за национална безбедност (НСА) се неверојатни: според извештаите, се шпионираат и пријатели и непријатели. Од каде и’ е таквото стручно знаење на тајната служба? Сега е познат и одговорот на тоа прашање: изворот на знаење не е стар ни десет години, а е навлезен во сите аспекти на животот. Станува збор за социјалните мрежи.

Границата помеѓу заштитата на податоците и нивното прибирање е многу тенка и, како што сега се виде, пропустлива. Во мај годинава американскиот весник „Њујорк Тајмс“ објави дека Макс Кели, поранешен шеф на одделението за безбедност во Фејсбук, во 2010 дал отказ и преминал во друга американска фирма: НСА. Таа агенција е подредена на Министерството за одбрана и е надлежна за надзор и декодирање на електронските комункации низ целиот свет.

Отказот на Макс Кели следеше само неколку месеци откако НСА во рамки на програмата „Призма“ (Prism) почна да анализира податоци од Фејсбук. Вработувањето на Кели во агенцијата е држено во тајност три години што јасно покажува колку се тесно поврзани активностите на тајните служи и социјалните мрежи.

Не се одговорни пред никого

Јасно е дека државните тајни служби секогаш прибираат податоци и информации и дека ИТ фирмите своето стручно знаење уште одамна и’ го продаваат на американската влада. Но, и за маркетингот на разни трговски претпријатија им се потребни податоци за потенцијалните купувачи. Едната страна сака информации, а другата бара профит. Тие желби поврзани со фантастичниот развој на технологијата за чување податоци создаваат совршени претпоставки за соработка во корист на двете страни.

„Американските фирми кои се занимаваат со продажба преку интернет имаат огромни бази на податоци класификувани по целни групи. Тие можат речиси 24 часа дневно да прибираат податоци и да дојдат до нас, обичните граѓани“, објаснува Џефри Честер, директор на институтот „Центар за дигитална демократија“( Center for digital democracy) од Вашингтон. „Притоа, ние не ги даваме доброволно нашите податоци. Дискусијата за 'Призма' треба да се концентрира на проширувањето на комерцијалните прибирачи на податоци, кои не одговараат пред никого, како и на технологијата која го овозможува тоа“, смета Честер.

USA Hauptquartier NSA Fort Meade

Централата на НСА

Тој вели дека поврзаноста помеѓу социјалните мрежи и државните органи не е ништо ново. „Компаниите како Гугл и Мајкрософт сакаат да извршуваат задачи за Министерството за одбрана“, тврди Честер за ДВ. Но, тој го смета за спорно тоа што НСА директно вработила еден од водечките луѓе во Фејсбук и предупредува дека социјалните мрежи многу се користат за политичка и социјална контрола. Се уште не е познат целосниот степен на соработка помеѓу НСА и социјалните мрежи, меѓутоа добро се познати техничките можности на мрежите. „Социјалните мрежи ја утврдуваат вистинската географска позиција и информации. Исто така вредно се трудат уште повеќе да го прошират пристапот до информации за своите корисници“, објаснува Честер.

Голема таинственост

Карл Милер, шеф на истражувачкиот тим на британската организација „Центар за анализа на социјалните мрежи“(Center for the Analysis of Social Media), во интервју за ДВ вели дека откривањето на новото работното место на Макс Кели воопшто не го изненадува. Од каде инаку владините институции би ги регрутирале своите експерти за социјалните мрежи?, се прашува Милер. Тој смета дека на владата би требало да и’ биде дозволено да го користи знаењето и способностите на приватните компании.

Но, како што јасно покажа случајот Сноуден, голема е разликата меѓу тоа што се работи, и тоа за што е известена јавноста. Социјалните мрежи со задоволство истакнуваат дека ги проследуваат податоците на владата само доколку законски се присилени на тоа. Во практиката тоа и не е баш така - тие понекогаш и сами преземаат инцијатива. Како што пишува „Њујрок Тајмс“, нивните стручни тимови добиваат задачи како да ги направат податоците уште подостапни за владините институции.

Како да се гарантира безбедност?

Не се проблем самите програми за следење на комуникации, смета Милер. Проблем е таинственоста со која се завиткани. Се’ до неодамна јавноста не знаеше за постоењето на „Призма“ и „Темпоре“. Социјалните мрежи и тајните служби можат да бидат од корист за државната безбедност, но нивното делување мора да се одвива во соглсност со постоечките правила. „Во многу случаи се добива впечаток дека тоа се случува без знаење и одобрение од општеството и тоа е причина за загриженост“, вели Милер.

Јасно е зошто тајните служби се толку заинтересирани за податоците од социјалните мрежи: многу луѓе својот општествен живот целосно го имаат пренесено на дигиталната платформа и со тоа го направиле достапен за јавноста. Милер предупредува дека тоа има и други лоши страни. Затоа тој бара од властите да ја гарантираат безбедноста на корисниците, со оглед на тоа што социјалните мрежи ја олеснуваат работата и на криминалците, а не само на државните тајни служби.