1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ако не седне во европскиот воз пролетва, Македонија ќе чека заедно со Србија и Црна Гора

Европската експертска јавност го дели ставот на евроамбасадорот Ерван Фуере за можна дестабилизација на Македонија во случај да не се дојде до решение за спорот со Грција.

default

Јанис Емануилидис од престижниот Европски политички центар во Брисел, за Дојче Веле вели:

„Ако името остане нерешено вратата, кон ЕУ ќе остане затворена. Не можам да замислам дека Атина би прифатила почнување на преговорите за членство без прво да му се стави крај на спорот. Ако европската врата се затвори мислам дека ќе се зголеми нестабилноста во регионот. Надежта за влез во Унијата ја зголемува стабилноста.“

Според него, неопходно е двете страни да вложат еднаков напор во изнаоѓањето трајно решение за овој 18 годишен спор:

„Мислам дека и двете страни треба да навлезат во искрени, вистински преговори. Треба да најдат решение кое им одговара на двете земј, но и на двата народа. Мора да се најде решение кое ќе можете да го продадете на улиците и во Скопје и во Атина. Факт е дека грчката страна сака решение со оваа нова влада. Проблемот е што прашањето се политизира и од двете страни.“

EU, Mazedonien, Landscape

Македонија не се третира како исклучок

Притисокот за спорот за името врз двете страни расте од ден на ден. Дипломатски извори коментираат дека Македонија мора да си го зацрта март месец како цел за отворањето преговори со Унијата, а не јуни.

Изборите во Грција не смеат да бидат оправдување за одлагање на преговорите и на решението, сметаат во Брисел.

Напролет се очекува ЕУ да даде зелено светло за почеток на преговорите со Исланд. Доколку Македонија го пропушти овој воз, на следната станица ќе мора да чека заедно со Србија и Црна Гора. Билатералните спорови се вообичаени во Европската унија, и речиси сите земји кандидати досега имале некаков билатерален спор да решат пред да станат дел од европскиот клуб. Македонија, во Брисел, не се третира како исклучок.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM